Македонија има планини, има природа, има млади луѓе, има и дијаспора која ѝ мисли добро. Но дали тоа е доволно за да стане „Швајцарија на Балканот“, како што неодамна беше посочено од неколку влијателни гласови од технолошката и бизнис-заедницата?
Изјавите на основачот на една од најголемите криптоплатформи, кој ја промовираше Македонија како можна „европска крипто оаза“, предизвикаа лавина реакции во јавноста.
Некои ги оценија како романтичарски, други како храбри, а трети — како неодговорни.
„Мора да имаме јасна разлика помеѓу визија и илузија. Да, Македонија има потенцијал, но да се споредуваме со Швајцарија значи да се игнорираат реалните пречки – недовербата во институциите, хроничната политичка нестабилност, сивата економија и бегството на човечки капитал“, вели економскиот аналитичар Ведран Кузмановски.
Од друга страна, има и оптимисти. Аналитичарот Бојан Краљев верува дека Македонија не треба да се мери според сегашната состојба, туку според капацитетот што го има.
„Не заборавајте – Швајцарија не станала финансиски рај преку ноќ. Тие работеле децении на стабилни институции, фискална дисциплина и иновациска клима. Тоа може да го направиме и ние, ако поставиме јасна стратегија и ако престанеме да го менуваме правецот секоја втора година“, вели Краљев.
Факт е дека Македонија има ниски трошоци за живот, поволна географска положба и солидна ИТ заедница. Сето тоа може да биде подлога за привлекување крипто-компании, иновативни стартапи и нов тип на дигитални номади. Но за да се создаде реална деловна клима, неопходни се структурни реформи.
„Кога ќе отворите бизнис кај нас, првата пречка не ви е конкуренцијата, туку администрацијата“, коментира млад претприемач од Скопје. „Една фирма мора да плати казна ако не достави документ кој институцијата веќе го има. Во такви услови, нема напредок“.
Дополнително, нестабилната правна рамка и честите политички пресврти оставаат впечаток на несигурна земја. Иако некои веруваат дека криптовалутите би можеле да бидат „обиколен пат“ до економски раст, без транспарентност и регулатива, тоа лесно може да прерасне во сива зона.
Во вакви услови, главната дилема останува: дали визијата за „Швајцарија на Балканот“ е инспиративна цел или само добро звучна фраза?
Одговорот, како што често се случува, не лежи ни во романтизмот, ни во цинизмот – туку во подготвеноста на државата да се менува, а не само да се огледува во други.
Б.З.М.