Во услови на брзи технолошки промени, економска неизвесност и миграции, пазарот на трудот низ Европа – а сè повеќе и во Македонија – бара нов тип на работна сила: обучена, прилагодлива и практична.
Занаетите, кои до вчера беа сметани за „втора лига“ на професии, денес се враќаат на голема врата.
Платите се покачуваат, условите се подобруваат, а странските и домашни компании сè потешко наоѓаат мајстори за работа.
Според податоци од неколку агенции за вработување и анализи на трендовите во регионот, ова се топ 5 најбарани занаети за 2025 година:
Електричари
Од паметни домови до индустриски постројки, побарувачката за квалификувани електричари расте. Безбедноста е приоритет, па и најмалиот пропуст може да значи ризик.
„Работиме со луѓе кои имаат искуство, но и со млади што завршиле обука во последниве 2-3 години. Бараме луѓе со логика, одговорност и волја за работа“, вели Влатко А., менаџер во фирма за електроинсталации од Куманово.
Просечната плата веќе надминува 60.000 денари.
Заварувачи – златни раце, светла иднина
Заварувачот во 2025 не е само човек со шлем и пламеник. Се бараат и TIG и MIG заварувачи, но и специјалисти за роботи во производствени погони.
„Овие луѓе се платени и над 2.000 евра во странство. Кај нас сè повеќе млади се запишуваат на курсеви, сфаќаат дека тоа не е валкана работа, туку занает со иднина“, истакнува Ивана Д., инструкторка во стручен центар во Битола.
Водоводџии – секој дом има потреба од нив
Со новите градежни бумови и реновирања, водоинсталатерите се постојано ангажирани. Голем дел од нив работат и во странство, особено во Германија и во Австрија, што создава недостиг дома.
„Имам работа за три месеци однапред. Дури и недела не ми е слободна“, изјави Драган, мајстор од Скопје.
Ѕидари и изолатери – под сенка на занаетот
Климатските промени носат нови стандарди во градежништвото, а енергетската ефикасност станува императив.
Токму затоа, занаетчии што се специјализираат за поставување кровни конструкции, термоизолации и водонепропусни системи се во голема побарувачка.
„Работиме и по објекти од 30-40 згради. Се бара квалитет, не само брзина“, кажува Филип С., сопственик на градежна фирма од Тетово.
Авто-механичари – мајстори на новата мобилност
Со зголемениот број на возила – од класични бензинци до хибриди и електрични – механичарите мора постојано да учат.
„Нема повеќе само да го смениш филтерот. Мораш да скенираш, да читаш дијагностика, да се снајдеш и во електроника“, истакнува Александар, ментор во сервис од Велес.
Преквалификацијата – инвестирање во сигурна иднина
Додека многумина бараат административна работа од 9 до 17, занаетите веќе нудат плати, мобилност и сигурност.
Во државата веќе има програми за обука преку АВРМ и приватни школи, а некои од нив се и субвенционирани.
„Наместо да чекам на биро, решив да учам за електричар. За 3 месеци најдов работа“, вели Илија, поранешен економист од Штип.
Во време на глобална нестабилност, преквалификацијата не е луксуз, туку одговорен чекор. Занаетот веќе не се учи само „крај мајстор“, туку и во модерни центри. А добриот занаетчија – нема зима за него.
Б.З.М.