13 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАОд мигранти до готвачи - нашите заминуваат, Непалците доаѓаат

Од мигранти до готвачи – нашите заминуваат, Непалците доаѓаат

Сезоната на туризам и угостителство допрва започнува, но македонските работодавци веќе се соочуваат со хроничен недостиг на работна сила.

Особено тешко е во кујните и на услужните позиции – местата каде што порано се редеа апликанти, денес се празни.

Младите одлучуваат да ја пробаат среќата во странство, најчесто во Хрватска, каде платите за сезонска работа почнуваат од 1.300 евра, а можат да достигнат и до 2.000, зависно од локацијата и позицијата.

„Имав 4 готвачи лани, годинава не остана ниту еден. Едниот е веќе во Сплит, другиот во Ровињ. Пробав со оглас, но никој не се јави“, раскажува Александар, сопственик на ресторан во Охрид. „Сега сум во преговори со агенција од Непал – ќе донесам тројца готвачи и двајца помошници. Немам друг избор“, додава тој.

Македонските угостители не се осамени во ова. Иста е сликата и на плажите во Будва, во хотелите во Лефкада, во кафулињата на Хвар. Целиот регион, изгледа, ја прераспределува работната сила, а оние што нудат највисоки плати – победуваат. На македонските газди им останува да се адаптираат или да затворат.

„Не можеме да се натпреваруваме со 1.500 евра плата и сместување на море. Кај нас, платата во угостителството ретко надминува 600 евра. Затоа, решението е увоз. Работниците од Азија се веќе присутни во Грција и во Бугарија – редно е и ние да тргнеме по тој пат“, вели Илија, член на здружение на туристички работници.

Ситуацијата во Грција е особено илустративна: тамошните власти во 2024 година легализираа 30.000 мигранти и склучија билатерални договори со земји како Египет, Индија и Бангладеш, токму заради решавање на проблемот со 80.000 слободни работни места.

Македонија, иако далеку помала, се движи во иста насока – но без систематска стратегија.

Експертите предупредуваат:

„Увозот на странска работна сила мора да се спроведува внимателно. Потребни се јазични обуки, културна адаптација и законска рамка која ќе ги заштити и работниците и работодавците“.

Во меѓувреме, туристите можеби ова лето во Македонија ќе јадат гравче-тавче приготвено од готвач од Катманду, а кафето ќе им го послужи келнерка од Дака.

Балканската реалност станува глобализирана – а вкусот на традицијата, очигледно, добива нова нота.

Дали ова е новата нормалност или само краткорочен одговор на структурен проблем, времето ќе покаже. Но едно е сигурно: македонската кујна ќе добие нови акценти, а туристичката сезона – нови главоболки.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП