Околу пет илјади евра го чини занаетчијата еден практикант да го научи да работи и од него да направи мајстор. Процесот трае неколку години, зависи од занаетот но и од практикантот, некој учи побрзо а на некого му е потребно повеќе време.
Од Комората на занаетчии велат дека треба од државата да добиваат средства за материјали кои се трошат во процесот на преактичната настава. Добро е тоа што во последно време има интерес кај младите за учење на некој од традиционалните занаети, но како гаранција за потрошените средства и труд треба да има некакво следување и за мајсторот, односно за компанијата.
Занаетчиите велат дека Македонија е расадник на нови мајстори за пазарот на труд во Германија. Секако, ова е иронична изјава на занаетчиите кои додаваат дека во земјава младите луѓе освен средното училиште, учат и занает и купуваат карта во еден правец. А мајсторот кој ги учел, трошел време и пари на тој ученик и не добива буквално ништо, ниту помошник барем половина година. Ваквиот однос не само на учениците, туку и на државата која ги остава малите бизниси да се борат за егзистенција секој месец, прави се помалку да бидат заинтересирани за дуалното образование, односно во своите работилници да имаат практиканти.
„Компаниите кои имаат практична ртсабота со децата буквално немаат никаков бенефит. Ние трошиме околу 5 илјади евра за четири години за да го обучиме практикантот. 50 отсто од децата кои ќе го научат занаетот веднаш одат за Германија, 30 отсто за други држави, останатите 20на отсто остануваат во Македонија. Бараме државата да ги покрие трошоците кои ги имаме додека работиме со практикантот. Дополнително, сметаме дека потребни се повеќе мерки за самовработување, се со цел младите луѓе тука да отворат бизнис, а не да размислуваат да заминат од земјава.“ – велат од Комората на занаетчии
Од Министерството за образование и наука велат дека континуирано го јакнат средното стручно образование. На последната седница, Владата ја усвои Информацијата за дуално образование и донесе заклучок да им препорача на коморите надлежни за верификација на компаниите, да ги ревидираат процедурите по однос на времетрaење и потребни документи за верификација. Исто така, од Владата велат дека му препорачале на Економско – социјалниот совет да дадe конкретни предлози за стимулирање на компаниите вклучени во процесот на дуалното образование.
„Реформата на средното стручно образование е успешна и тоа го покажуваат бројките на запишани ученици, што од година во година растат. Наша цел е зголемување на вработливоста на младите и продуцирање кадари со соодветни вештини и компетенции, што им се потребни на компаниите и им овозможуваат на младите, по завршување на средното стручно образование успешно да влезат на пазарот на труд или, доколку сакаат, да продолжат со високо образование.“ – велат од ресорното министерство
Дуалното стручно образование почна од учебната 2017/2018 година а се интензивираше во 2020 година со социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“. Во учебната 2021/2022 година дуално образование се реализираше во 97 паралелки во 46 средни стручни училишта, а беа запишани 1.486 ученици, кои соработуваа со 210 компании.
Во Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2023/2024 година беа предвидени 259 дуални паралелки со вкупно 6.475 ученички места во соработка со над 500 компании.
И.П.