21 мај, 2025
ПочетнаКАРИЕРА„Колку заработуваш?“ – прашање што буди срам во македонското општество

„Колку заработуваш?“ – прашање што буди срам во македонското општество

„Тоа не се прашува“ – вака реагираат многу луѓе во Македонија кога ќе се поведе муабет за висината на платата.

Дури и меѓу блиски пријатели, прашањето „колку заработуваш?“ често се доживува како напад, навлегување во приватноста или дури и како невоспитаност.

Зошто темата пари кај нас е толку табу, и дали тоа го одржува системот на нееднаквост, корупција и манипулација?

Социологот Љубица Маџовска вели дека кај нас парите се поврзани со срам и страв од осуда.

„Имаме длабоко вкоренети стравови – ако си сиромав, ќе те жалат, ако добро заработуваш, ќе ти завидуваат. Затоа се крие, се калкулира, се зборува со фрази како ‘средно’, ‘таман’, ‘колку да се преживее’. Тоа го отежнува секој обид за транспарентност во платите, но и ја спречува солидарноста помеѓу работниците“, објаснува таа.

Во неформални разговори, луѓето често ќе признаат дека не знаат колку заработуваат нивните колеги, а тоа остава простор за неправди.

Нивниот труд може да биде вреднуван далеку помалку од други со исти работни обврски, само затоа што „не прашуваат“.

Од друга страна, некои работодавци свесно ја одржуваат оваа култура на тајност, токму за да спречат незадоволство или барања за зголемување на плата.

Славчо, келнер во скопско кафуле, вели дека секогаш кога ќе праша некој колега колкава му е платата, добива одговор со насмевка: „Имам за цигари и за кирија“.

„Јас сакам да знам дали некој зема повеќе од мене за иста работа. Тоа не е љубопитност, тоа е обид да се заштитам. Но луѓето кај нас веднаш се навредуваат, како да ќе ги обвиниш за нешто“, додава тој.

Во некои западни земји, платите се јавно достапни, особено во јавниот сектор. Транспарентноста се гледа како начин за борба против дискриминацијата – родова, етничка или на база на возраста.

Кај нас, сепак, и понатаму владее културата на шепотење кога ќе се спомнат бројки.

Марина, ИТ-специјалистка, смета дека младите почнуваат да ја менуваат оваа култура:
„Во новите стартапи, луѓето се повеќе отворени. Зборуваме за плати, бонуси, услови. Тоа не значи дека сме алчни, туку дека сме свесни за својата вредност. Само ако зборуваме, можеме да преговараме фер“.

На прашањето зошто темата плата уште е табу, многумина ќе кажат – „таква ни е културата“. Но можеби токму во рушењето на оваа културна стигма се крие клучот за поголема правичност и социјална сигурност.

Додека не почнеме отворено да зборуваме за парите – тие ќе продолжат да нè контролираат, тивко, од сенка.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП