Кога во 2019 година 40-годишниот Борис од Битола ги спакувал куферите и заминал за Франција, не знаел дека малото гратче Шамбери ќе стане негов дом.
Заминал со братучедот, со надеж за подобар живот, за сигурна плата и нов почеток. Шест години подоцна, Борис е сè уште таму – во планинскиот регион Савоја, опкружен со француски лозја и локални пријатели.
„На почетокот мислев дека ќе бидам тука една сезона, можеби две. Планот ми беше да заштедам нешто и да се вратам. Ама животот ти пишува други страници“, вели Борис со насмевка, додека преку видеоповик ни ја покажува својата мала, но уредна гарсоњера со поглед кон Алпите.
Тешка работа, сигурна плата
Во Шамбери пристигнал со братучедот Стефан, кој подоцна се преселил во Лион во потрага по подобри услови. Борис, пак, останал. Вели дека токму тишината и спокојот на ова француско гратче му годат, особено по напорните работни денови.
Работи како земјоделец – управува со трактори, вози комбе, бере и сортира овошје и зеленчук, коси, полева, се грижи за насади.
„Работата не е лесна, ама е чесна. На крајот на месецот, кога ќе добијам плата, знам дека сум ја заработил секоја пара“, објаснува тој.
Но, веднаш додава дека трошоците не се мали.
„Само за кирија давам 600 евра. Тука и храната е поскапа отколку дома, транспортот, осигурувањето – сè тоа држи цена. Да не беше прекувремена работа и дополнителни часови, тешко дека ќе заштедев“.
Сам, но не осамен
Иако живее сам, Борис не се чувствува осамено. Битолчани се навикнати на луѓе и разговор, па така и тој лесно се вклопил во новото опкружување.
„Во маало сите ме знаат. Знаат дека сум Македонец и често ме канат на кафе. Французите, кога ќе те прифатат, умеат да бидат многу пријателски настроени“, раскажува тој.
Слободното време го поминува во прошетки низ околината, истражувајќи ги малите села и природните убавини на регионот.
„Франција е убава, ама Алпите се посебна приказна. Посебно зимно време, кога сè е под снег“.
Враќање дома?
На прашањето дали размислува да се врати во Македонија, Борис малку подзастанува.
„Често мислам на тоа. Ми фалат фамилијата, пријателите, Битола… Ама сè додека има работа тука, ќе останам. Се плашам дека таму нема да имам иста сигурност“.
Иако далеку од дома, Борис не ја заборавил Македонија. Секој Божик и Велигден се труди да дојде, па макар и само на неколку дена.
„За жал, овој Велигден не успеав да дојдам во Битола, но верувајте ми, срцето ми заигрува секогаш кога ќе пристигнам дома. Ама после една недела, пак ми недостига мирот од Шамбери“.
Борис не е единствениот Македонец што својот пат го нашол во туѓина, но е еден од ретките кој од тоа направил животна приказна – скромна, трудољубива и искрена.
И како што вели тој: „Нема срам во калта, ако знаеш зошто си влегол во неа“.
Б.З.М.