19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДа се биде скржавец – проклетство или талент?

Да се биде скржавец – проклетство или талент?

Во едно општество каде што потрошувачката често се смета за мерило за успех, скржавоста често е осудувана како негативна особина.

Луѓето што не се подготвени да одврзат ќесе за „нормални“ трошоци се нарекуваат штедачи до крајност.

Но, дали скржавоста секогаш е порок? Или можеби, во време на инфлација и економска несигурност, токму тие луѓе што се нарекуваат скржавци ја имаат најпаметната стратегија?

Психологот Маја Љубеновиќ вели дека скржавоста не секогаш е проблем, туку често одраз на дисциплина.

„Постојат луѓе кои имаат внатрешна потреба да контролираат сè, вклучувајќи ги и финансиските ресурси. Тоа не мора да биде болест, туку стратегија за справување со стравот од неизвесност“, вели Љубеновиќ.

Од друга страна, економистот Ведран Кузмановски потенцира дека разликата меѓу скржавец и штедлив човек е огромна.

– Штедливиот знае кога и за што вреди да се потроши, додека скржавецот не троши ни кога треба. Тоа понекогаш може да чини повеќе на долг рок – објаснува тој.

Историјата е полна со примери на луѓе кои со екстремна штедливост стекнале богатство. Но многумина од нив останале осамени, со етикетата „прикриен милионер со празен фрижидер“.

Неформална анкета што ја спроведовме на социјалните мрежи покажа поделени мислења. Од вкупниот број испитани, 44% сметаат дека скржавоста е паметна тактика во денешно време, додека 56% веруваат дека тоа е токсично однесување кое ги уништува човечките релации.

Невена од Битола раскажува за нејзиното поранешно момче:

„Не беше сиромашен, ама кога одевме на кафе, секогаш нарачуваше најевтин пијалак и бараше од сметката да плаќаме по пола. На крај ми дојде преку глава. Не се чувствував вредна“, вели таа.

Но, 41-годишниот Дарко од Скопје, пак, тврди дека скржавоста му ја спасила фирмата.

„Во време кога сите фрлаа пари за нови автомобили, јас се возев со старото југо. Денеска тие немаат ни фирма, ни кола, а јас – и едното и другото. Секој денар што не си го потрошил денес, утре ќе ти биде златен“, изјавува Дарко.

Очигледно е – границата меѓу мудроста и претераната економичност е тенка.

За некои луѓе, скржавоста е кочница на животот. За други, тоа е уметност на преживување и финансиска стратегија што носи резултати.

На крајот, прашањето не е дали си скржавец, туку дали знаеш зошто го правиш тоа и за што штедиш.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП