16 април, 2025
ПочетнаКАРИЕРАКако се снаоѓаат младите без работа – искрени приказни

Како се снаоѓаат младите без работа – искрени приказни

И покрај тоа што многумина вложуваат години во образование и се надеваат на стабилна иднина, реалноста за голем број млади луѓе во Македонија изгледа сосема поинаку.

Невработеноста меѓу младите останува сериозен проблем, а оние кои се без постојано вработување честопати се приморани на креативни, понекогаш и тешки решенија за да опстанат.

Ана Илиева е 27-годишна девојка од Велес која има диплома од Економскиот факултет, но по две години активна потрага по работа, не успеала да се вработи во својата струка.

„Секоја недела испраќам барем по 5 апликации. Понекогаш нема ни одговор, а кога ќе ме повикаат, најчесто е за минимална плата и три месеци пробен период без здравствено. Признавам, изгубив надеж дека ќе работам во банка, како што сонував“, вели Ана, која моментално продава рачно изработен накит преку Инстаграм.

Нејзината приказна не е единствена. Александар Мицев, 25-годишен битолчанец е машински техничар, но никогаш не добил можност за работа во фабрика.

„Родителите ме поддржуваат, но веќе им е тешко. Пробав и на градежништво, на дневница. Тешка работа, без да бидам пријавен, без сигурност. Сега снимам видеа за YouTube, ништо сериозно, ама барем имам нешто свое“, раскажува Александар, кој сè уште верува дека дигиталните платформи се шанса за независност.

Од друга страна, има и такви кои одлучиле да заминат.

Симона Јанкуловска (26) од Кочани пред три месеци отпатувала за Германија.

„Чекав година и пол, со ветувања од роднини, со надежи од агенции. Сега работам како келнерка, не е идеално, ама барем знам колку добивам и дека ми течат години стаж. Жал ми е што морав да си заминам, ама тука немав избор“, вели таа.

Според податоците на Агенцијата за вработување, младите се најчесто регистрирани како невработени до 5 години по завршувањето на образованието.

Главната причина, според економистите, е несоодветноста меѓу образованието и пазарот на трудот, како и недоволната поддршка за младинско претприемништво.

Сепак, има и светли примери. Дарко Чубринов од Скопје сам започнал мал бизнис со печатење дизајни на маици.

„Почнав со еден принтер и 20 маици. Денес продавам и преку TikTok, имам редовни клиенти. Не беше лесно, но мораш да преземеш нешто ако сакаш да преживееш“, вели Дарко, кој себеси се смета за среќен што се охрабрил.

Иако приказните се различни, заедничко им е чувството на разочараност и потребата од стабилност. Младите не бараат луксуз – бараат можност. А додека државата бара системски решенија, тие сами си го трасираат патот, понекогаш и по најнепредвидливи патеки.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП