Пандемијата ги забрза дигиталните трендови, а со тоа и рапидниот раст на онлајн трговијата. Денес, со еден клик можеме да нарачаме сè – од чевли до свежи домати. Но, додека потрошувачите ги пренасочуваат своите навики кон интернетот, малите продавници со години се борат за опстанок.
Во центарот на Скопје, некаде меѓу старата чаршија и модерните шопинг-центри, го среќаваме Блаже Таневски, сопственик на семејна продавница за обувки која постои повеќе од 30 години.
Со тажен поглед кон празниот излог, раскажува:
„Порано во сабота не можеше да се влезе од муштерии. Сега, едвај влегува по некој случаен минувач. Луѓето гледаат модели кај нас, ги пробуваат, па си наоѓаат исти – само поевтино на интернет“.
Она што е алармантно, според економските аналитичари, е дека токму овие мали дуќани се ‘рбетот на локалната економија. Тие вработуваат луѓе од заедницата, плаќаат даноци и учествуваат во развојот на урбаното јадро.
Но, со конкуренцијата од големите онлајн платформи, нивната иднина виси на конец.
„Се соочуваме со нелојална конкуренција. Додека едни плаќаат кирија, струја, персонал, онлајн продавачите често функционираат од дома и не се евидентирани во системот. Тоа го прави натпреварот нефер“, коментираат познавачите.
Од друга страна, пак, потрошувачите се воодушевени од практичноста на дигиталната куповина. Побрзо, поевтино и со поголем избор.
Марио Јосифов, 28-годишен маркетинг менаџер, вели:
„Онлајн купувам речиси сè. Немам време да шетам низ дуќани. И искрено, зошто би платил повеќе, кога истиот производ го има онлајн, за поевтино и со бесплатна достава?“
Но, она што се губи е личниот контакт, советот од продавачот, чувството на доверба. Експертите предупредуваат дека ваквиот тренд може да доведе до целосно исчезнување на малите трговци, што ќе го промени изгледот и духот на градовите.
Државата досега нема преземено значајни мерки за заштита на малите трговци. Иако постојат повремени субвенции, тие се недоволни. Дуќанџиите бараат поддршка во форма на даночни олеснувања, обука за дигитална трансформација и ограничување на нелегалната онлајн продажба.
„Не сме против технологија“, додава Блаже. „Само сакаме еднакви услови. Ако треба – и ние ќе продаваме онлајн. Но не можеме да се носиме со џиновите што имаат илјадници евра за маркетинг секој месец“.
Растот на онлајн трговијата е неминовен. Но прашањето е – дали ќе постои баланс што ќе ги зачува и локалните дуќани како дел од економската и културна слика на заедницата? Или, пак, ќе дозволиме градовите да станат само сенка на дигиталната реалност?
Б.З.М.