15 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАДоларот на најниско ниво во последните три години

Доларот на најниско ниво во последните три години

Вредноста на доларот во однос на кошницата валути падна оваа недела на најниско ниво во последните три години, што се должи на ескалацијата на царинската војна меѓу САД и Кина и повлекувањето на инвеститорите од американските државни обврзници.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела потона за 3 отсто, на 99,78 поени, што е најниско ниво во последните три години.

Истовремено, курсот на еврото скокна за 3,6 отсто, на 1,1355 долари, што е највисоко ниво од февруари 2022 година.

Американската валута исто така ослабе во однос на јапонската за 2,3 отсто, па нејзината цена падна на 143,50 јени.

Остриот пад на курсот на доларот, втора недела по ред, е резултат на неизвесноста околу царините кои американскиот претседател Доналд Трамп понекогаш ги најавува, понекогаш одложува, а потоа ги зголемува на увозот од Кина.

Минатата среда Трамп неочекувано ги одложи дополнителните, реципрочни царини за сите земји освен Кина за 90 дена, но ги задржа основните царини од 10 отсто за речиси сите увозни производи. По одлуката на Трамп, многу земји изјавија дека се подготвени за преговори. Меѓу нив е и Европската унија, која исто така ги одложи контрамерките на царините на Трамп.

Сепак, тарифната војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царина за увоз на кинески стоки на 145 проценти. Кина, од своја страна, ги зголеми царините за американските стоки на вкупно 125 отсто.

Таа ескалација на царинската војна меѓу двете најголеми светски економии може да предизвика прекини во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на глобалната економија, па дури и рецесија.

Доларот обично се смета за една од сигурните валути во неизвесни времиња, но бидејќи на американската економија и се заканува забавување на растот, па дури и рецесија, доларот се најде под притисок, додека јапонската и швајцарската валута значително зајакнаа, бидејќи тие исто така се сметаат за безбедно засолниште за капиталот во нестабилни услови. Курсот на „швајцарецот“ во однос на доларот достигна највисоко ниво во повеќе од 10 години.

Доларот е под притисок и поради зголемената продажба на американските државни обврзници, поради што приносите на десетгодишните обврзници достигнаа околу 4,5 отсто. Тоа претставува неделен пораст на приносот од 40 базични поени, што не е забележано од 2001 година.

Падот на вредноста на доларот, заедно со падот на Волстрит и американските државни обврзници, може да значи дека странските инвеститори реагираат на протекционистичките мерки на Трамп со продажба на американски средства, велат аналитичарите.

„Има очигледен егзодус од американските средства. Падот на доларот не е само последица на проценките за забавување на растот на американската економија и трговската нестабилност. Станува збор за нешто поголемо – пад на довербата во доларот и кредибилитетот на американската политика.

Досега, во време на инвеститори кои се ориентирани кон ризик, доларот зајакнуваше како сигурна валута, но сега е под притисок, додека јапонскиот јен и швајцарскиот франк зајакнуваат“, објаснува Вин Тин, стратег во Brown Brothers Harriman.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП