Утринава стапија на сила рекордните американски царини за кинески увоз, кои ќе достигнат дури 104 отсто за многу производи. Некои производи, како што се автомобили, чипс, челик и алуминиум, сè уште ќе подлежат на пониски царини, но повеќето други увозни категории од Кина ќе бидат покриени со целосната тарифа.
Досега, Пекинг не покажува знаци на попуштање и најавува нови контрамерки против американскиот увоз. Но, некои аналитичари веруваат дека овие царини може сериозно да влијаат на кинеската економија и да ја принудат да претрпи структурни промени.
Дан Ванг од консултантската компанија Eurasia Group истакнува дека секоја царина над 35 отсто ќе ги избрише сите профити на кинеските компании кои извезуваат во САД или Југоисточна Азија.
„Се што е над тоа ниво е симболично“, рече Ванг, цитирајќи бројки од индустријата.
Исто така, предупреди дека Кина би можела да ја пропушти целта за годишен раст од околу 5 отсто доколку економијата е затворена за меѓународна трговија.
„Растот ќе биде значително помал бидејќи извозот и надворешната побарувачка придонесоа од 20 до 50 отсто во вкупниот економски раст по пандемијата“, додаде таа.
Тим Вотер од брокерската компанија KCM Trade се согласува дека царините од 104 проценти нема да бидат одржливи за Кина на долг рок, со оглед на нејзината извозно ориентирана економија.
„На краток рок тие можат да издржат, но на долг рок тоа бара структурни промени – како потпирање на домашната потрошувачка“, рече Вотер.
Врвните лидери на Кина планираат да одржат итен состанок во среда на кој ќе разговараат за мерките за зајакнување на економијата и стабилизирање на пазарите на капитал, велат информирани извори.
На средбата, според извори, се очекува да присуствуваат високи функционери од Државниот совет, како и од повеќе регулаторни и државни органи, но соговорниците инсистирале на анонимност бидејќи не се овластени да даваат изјави за медиумите.
Официјалните лица, наводно, ќе разгледаат мерки за поттикнување на домашната потрошувачка и поддршка на пазарот на капитал, а можно е и олеснување на извозните даноци, рече еден од изворите.
Канцеларијата за информирање на Државниот совет, која е задолжена за односи со медиумите, се уште не одговорила на прашањата. Острите царински мерки на Трамп го разнишаа глобалниот трговски поредок кој трае со децении, предизвикувајќи страв од рецесија и остар пад на светските берзи.
Иако Пекинг минатата недела воведе контрамерки и вети дека „ќе се бори до крај“ против, како што вели, американска уцена, аналитичарите велат дека Кина се чувствува дека епритисната во ќош, бидејќи царините ги погодија не само кинеските извозници, туку и земјите кои ги склопуваат нивните производи во Кина.
На состанокот се очекува да учествуваат претставници од централната банка (PBOC), Министерството за финансии (МФ), Министерството за трговија (MofCom), како и Националната комисија за банкарство и регулаторна комисија за хартии од вредност (NFRA) и Националната регулаторна комисија за хартии од вредност (CSRC), велат изворите.
Кинескиот премиер Ли Кианг во вторникот рече дека владините политики за оваа година се целосно приспособени на различни неизвесности и дека Кина е „целосно способна да ги ублажи негативните надворешни влијанија“. Во средата, кинеските берзи забележаа мало закрепнување, благодарение на владините ветувања за поддршка на пазарот и зголемениот интерес за домашните технолошки фирми, што го ублажи негативното влијание на најновите американски царини.