21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКој ќе ја ора земјата ако сите си заминат од земјава?

Кој ќе ја ора земјата ако сите си заминат од земјава?

Во Македонија, државните земјоделски површини се сè поретко орани и обработувани, а наместо нивни плодови, на најплодните ниви никнуваат фотоволтаични панели и постројки за биогас.

Надлежните најавуваат построги контроли за користењето на земјиштето, но земјоделците предупредуваат – тоа можеби е задоцнет чекор, бидејќи земјата останува без оние што знаат да ја обработуваат.

Најплодните ниви претворени во енергетски зони

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство најави дека ќе бидат спроведени детални контроли за тоа како се користи државното земјоделско земјиште.

Оттаму брифираат дека досегашниот систем овозможил злоупотреби, каде наместо храна, на плодните површини се градат соларни централи или постројки за биогас.

„Нема ништо лошо во развојот на обновливите извори на енергија, но не смее тоа да биде на штета на земјоделството. Ќе се направи детална ревизија и ќе се утврди дали некои земјишта треба да се вратат во земјоделска функција“, велат од Министерството.

Сепак, земјоделците се сомневаат во ефективноста на оваа мерка. Според нив, најквалитетните ниви веќе се под долгорочни концесии и враќањето на земјоделското производство на нив ќе биде речиси невозможно.

„Земјоделец веќе нема, кого ќе контролираат?“

Драги Јованоски, земјоделец од Пелагонија, вели дека проблемот е многу подлабок од контролите што ги најавуваат властите.
„Не е проблем само тоа што државата ја дава земјата за други намени. Проблемот е што нема кој да ја работи! Од секое село во Пелагонија, барем половина од младите заминаа во странство. Тука останавме само ние, постарите, и кога ќе заминеме ние – кој ќе ја ора земјата?“, вели Јованоски.

Тој додава дека државата не направила доволно за да ги задржи земјоделците во професијата.

„Субвенции има, но дали тоа е доволно? Горивото е скапо, репроматеријалите поскапеа двојно, а ние ги продаваме производите по исти цени како пред пет години. Како да се преживее?“, прашува овој долгогодишен земјоделец.

Наместо жито – панели

Во последните неколку години, илјадници хектари обработливо земјиште се претворија во соларни паркови, особено во региони како Штип, Свети Николе, Битола и Велес.

Владата со години промовираше инвестиции во обновливи извори на енергија, но не постои јасна стратегија што ќе се случи со производството на храна.

Аналитичарите објаснуваат дека ова е тренд што се случува и во други земји, но дека Македонија нема капацитет да увезува храна во недоглед.

„Европа исто така се соочува со пад на бројот на земјоделци, но тие имаат стабилни економии и механизми за увоз на храна. Македонија, пак, ако го изгуби своето земјоделско производство, ќе стане целосно зависна од увоз. Тоа значи поскапа храна и нестабилни залихи во иднина“, коментираат експертите.

Иднината на македонското земјоделство

И додека властите најавуваат контроли, земјоделците се прашуваат дали оваа политика ќе даде резултати или ќе остане само на ветувања.

Доколку не се преземат мерки за поддршка на младите земјоделци и развој на модерно земјоделство, Македонија во иднина може да стане земја без производители на храна, зависна од скапи увози и нестабилен пазар.

На крајот, останува отворено прашањето – кој ќе ја ора македонската земја ако никој не остане да го прави тоа?

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП