27 март, 2025
ПочетнаМАКЕДОНИЈААко се менува грбот, треба ли да се смени и химната?

Ако се менува грбот, треба ли да се смени и химната?

Најавата за евентуална промена на државниот грб на Македонија отвори дискусија и за можни измени во другите државни симболи, меѓу кои и химната.

Додека едни ја поддржуваат иницијативата за нови обележја кои би биле во склад со современите политички и културни реалности, други сметаат дека ова е непотребно отворање на чувствителни прашања.

Поделени ставови околу химната

На плоштадот во Скопје ги прашавме граѓаните што мислат за можноста за промена на државната химна.

„Грбот дефинитивно треба да се менува. Овој што го имаме не е хералдички исправен, а и не е доволно репрезентативен за Македонија. Но, химната? Не гледам зошто би се менувала. ‘Денес над Македонија’ е дел од нашата историја,“ вели Богдан, 42-годишен инженер.

Од друга страна, некои сметаат дека химната не ги претставува сите граѓани на државата.

„Јас не се чувствувам дел од оваа химна. Ја почитувам, но во неа не се споменати сите етнички заедници што живеат тука. Ако веќе се прави промена на симболите, треба да се направи химна што ќе ги обедини сите,“ вели Арбен, студент по право од Тетово.

Некои, пак, ја гледаат оваа иницијатива како непотребно отворање на нови прашања.

„Имаме поважни работи во државата. Луѓето едвај врзуваат крај со крај, а ние дебатираме за химни и за грбови. Ова се теми што ги отвораат политичарите кога немаат решенија за реалните проблеми“, смета Марија Димова, економистка од Битола.

Промената на химната е политичко прашање

Аналитичарите сметаат дека промената на грбот е неопходна, но дека прашањето за химната е многу почувствително.

„Грбот е визуелен симбол, но химната е емотивно поврзана со народот. Доколку дојде до промена, тоа ќе биде долг процес, кој треба да вклучи јавна дебата и консензус. Не може химната да се менува без широко прифатено решение“, коментираат експертите.

Тие додаваат дека идејата за промена на химната може да биде ризична.

„Многу држави имаат химни што се одраз на историјата, без разлика што општествата се менуваат. Ако Македонија отвори дискусија за химната, тоа може да доведе до длабоки поделби. Прашањето е дали имаме капацитет да го направиме тоа на демократски начин“, анализираат експертите.

Рисот на грбот

Од коалицијата Вреди, која е дел од владиното мнозинство, порачуваат дека ја прифаќаат промената на државниот грб бидејќи тој, како и химната, не ја одразува реалноста.

Оттаму се подготвени за разговори за евентуален поширок пакет на уставни измени кои ќе вклучуваат и прашањата за бришење на уставната формулација за употребата на албанскиот јазик.

Во Владата, портпаролката Марија Митева, изјави дека прашањето е „штотуку отворено во јавноста“.

Хералдичарите сметаат дека актуелниот грб е „зрел за промена“, но само со некое подобро решение.

Опозициските социјалдемократи се категорично против промената, само ЛДП излезе со конкретен предлог – нов грб во кој главен мотив е балканскиот рис.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП