Денеска во Брисел се одржа состанок на министрите за внатрешни работи на ЕУ, на кој се разговараше за новиот европски дигитален граничен систем за влез/излез (EES) и за интероперабилноста меѓу ИТ системите за спроведување на законот на ЕУ.
Унгарскиот министер за внатрешни работи Шандор Пинтер по состанокот изјави дека до 31 јануари ќе има патна карта врз основа на која ќе може да продолжи работата за воведување на системот EES, додавајќи дека интероперабилноста треба да се постигне до 2027 година.
За време на средбата земјите-членки на ЕУ го поддржаа предлогот на унгарското претседателство за потребата од креирање на нов патоказ кој ќе ги минимизира очекуваните последици.
Како што е наведено во соопштението на Советот на ЕУ, Европската комисија и Агенцијата на ЕУ за управување со големи ИТ системи во областа на безбедноста и правдата, eu-Lisa, ги известија министрите на ЕУ за патот напред за почеток за работата на EES, а Комисијата достави информација за нејзиниот предлог за постепено воведување на овој систем.
EES е автоматизиран ИТ систем за регистрација на државјани кои не се членки на ЕУ кои патуваат во ЕУ на краток престој, според кој граничните службеници ќе ги скенираат отпечатоците од прсти или ќе ги фотографираат оние кои првпат ја преминуваат границата, а оваа информација ќе биде евидентирана во дигитална датотека.
Системот EES, на кој македонските граѓани ќе подлежат во повеќето случаи кога ги преминуваат границите на ЕУ, се разликува од Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS), кој ќе бара од заинтересираните патници да пополнат краток формулар и да поднесат апликација за ETIAS патна дозвола и ќе чини седум евра. Пинтер на прес-конференција потсети дека системот EES требаше да стапи на сила на 10 ноември, но дека се одложи, наведувајќи дека eu-Lisa ќе обезбеди ажуриран план до 31 јануари и дека Советот на ЕУ се согласил со тоа.
„Значи, до 31 јануари ќе имаме патна карта врз основа на која ќе продолжиме со нашата работа. И тогаш ETIAS може да стапи на сила“, рече Пинтер.
EES е дел од поширокиот опсег на ИТ системи за борба против криминалот и граничната безбедност што ЕУ треба да ги спроведе во следните неколку години. Тие го вклучуваат системот за овластување за патување ETIAS, систем кој ќе ги проверува безбедносните, миграциските и здравствените ризици предизвикани од граѓаните кои не се членки на ЕУ на кои не им е потребна виза за влез во Шенген зоната.
Повикувајќи се на низа прашања за кои се разговараше на средбата, Пинтер рече и дека унгарското претседателство ги информирало министрите за министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан што се одржа во Будва на 28 и 29 октомври 2024 година, како и за седмата министерска конференција на Будимпештанскиот процес, без да даде детали.
Тој додаде дека разговарале и за соработка со трети земји и зајакнување на таа соработка, особено кога станува збор за предизвиците кои ги носи миграцијата. Истовремено, тој оцени дека денес е направен важен чекор кога по повеќе од една деценија преговори за пристапување на Романија и Бугарија во Шенген зоната, тој процес конечно бил заклучен, бидејќи министрите на ЕУ одлучиле да ги укинат контролите на внатрешните копнени граничи со тие земји.
Комесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер на прес-конференција рече дека огромен чекор кон подобрување на ЕУ е направен со одлуката за укинување на копнените гранични контроли со Романија и Бугарија, нагласувајќи дека Шенген зоната е едно од најголемите достигнувања на ЕУ.
За време на средбата, министрите ги усвоија стратешките насоки за законодавно и оперативно планирање во областа на слободата, безбедноста и правдата, кои ќе го обликуваат правецот на политиката на ЕУ во оваа област во следните пет години. Советот не успеа да постигне договор за компромисниот текст на унгарското претседателство за регулативата за спречување и борба против сексуалната злоупотреба на деца. Се разговараше и за внатрешната безбедност, пристапот до податоци за ефективно спроведување на законот, како и за азил и миграција.
„Комисијата обезбеди ажурирање за спроведувањето на реформите за миграција и азил, збир на закони на ЕУ усвоени во мај оваа година. Земјите-членки и Комисијата во моментов преземаат подготвителни чекори овие закони да важат од јуни 2026 година. Врз основа на насоките на Комисијата, земјите-членки подготвија национални планови за имплементација во кои се утврдени дејствијата и роковите за спроведување на законот“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.