19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАТермоцентралите ја носат зимата на грб - дали старата инфраструктура може да...

Термоцентралите ја носат зимата на грб – дали старата инфраструктура може да издржи?

Македонија повторно се потпира на своите термоцентрали како основни столбови на енергетскиот систем, и покрај нивната веќе децении стара инфраструктура.

РЕК Битола и РЕК Осломеј, изградени во 1980 година, остануваат клучни капацитети за производство на електрична енергија, особено во периоди кога хидропотенцијалот е драстично намален.

Моменталната состојба со хидроакумулациите е алармантна – само 20% од вкупното производство на струја доаѓа од хидроелектраните, што е значително под просечните нивоа за овој дел од годината.

Поради ова, сите очи се вперени кон термоцентралите, кои во услови на значителен товар, сепак продолжуваат да испорачуваат електрична енергија.

„РЕК Битола е во борба со времето“

Според инжинерите со коишто разговаравме, производството на електрична енергија во овој капацитет се одвива под притисок на износен систем.

„Машините се стари 44 години. Секојдневно се вложуваат огромни напори за да се одржат блоковите функционални. Сепак, благодарение на стручноста на тимовите кои работат таму, двата блока работат стабилно“, коментира нашиот соговорник.

РЕК Битола произведува најголем дел од базната енергија во земјата, што е клучно за стабилноста на електроенергетскиот систем.

И покрај сите предизвици, блоковите продолжуваат да работат на максимум.

РЕК Осломеј – спасителот од сенка

Од друга страна, РЕК Осломеј, кој беше надвор од функција повеќе години, сега повторно игра важна улога во системот.

Последните две недели, овој капацитет работи на полна пареа, овозможувајќи значителен придонес за постабилно снабдување со електрична енергија.

„Голем предизвик беше да го оспособиме РЕК Осломеј, но успеавме. Машините се стари, но се покажа дека можеме да ги вратиме во живот. Горди сме што сме дел од решението за енергетската криза“, брифираше инженер во РЕК Осломеј.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП