14 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПензионерите работат затоа што мораат, а не затоа што сакаат

Пензионерите работат затоа што мораат, а не затоа што сакаат

Во Македонија, односот на бројот на вработени и пензионери е алармантно низок – 1,7 вработени на еден пензионер. Во пракса, тоа значи дека двајца работници би требало да работат за да обезбедат пензија за еден пензионер.

Со ваквиот однос, пензиите се континуирано финансирани на кредит, што остава последици на економската стабилност на државата и стандардот на пензионерите.

Висината на пензиите, во многу случаи е помала од минималната плата, со што пензионерите се принудени да доработуваат за да ги покријат основните трошоци.

„Не доработуваат затоа што се чувствуваат способни, туку затоа што мораат да го дополнат своето примање. Иако постои мислење дека пензионерите би работеле од желба и способност, реалноста е поинаква. Работодавците често го користат тоа како аргумент за поволноста на сегашниот систем, но фактите укажуваат на длабоко социјално и економско незадоволство“, коментираат економистите.

Состојбата е дополнително усложнета бидејќи Пензискиот и инвалидски фонд (ПИОМ) е во долгови од самиот почеток на осамостојувањето на земјата.

Ваквата состојба го обврзува државниот буџет да го финансира Фондот и да ги покрива тековните исплати на пензиите. Проблемот е илустриран со податокот дека веќе две децении се чека на структурна реформа која ќе овозможи одржливост на пензискиот систем, но досега не е постигнат значителен напредок.

Решението, според економистите, е во зголемување на бројот на вработени во приватниот сектор, како и во зголемување на платите.

„Мораме да ги мотивираме младите да се вработат во приватниот сектор, да вложуваме во нивно образование и квалификации, и да им обезбедиме подобри услови за работа. Доколку платите се повисоки, тоа не само што ќе привлече повеќе луѓе на пазарот на труд, туку ќе го зголеми и нивото на уплати во пензискиот фонд“, истакнуваат економските аналитичари.

Недостигот на стимулации и соодветни услови во приватниот сектор ја прави ситуацијата уште потешка. Младите често се вработуваат во странство или избираат нестабилни и неформални работи, што дополнително го нарушува односот на бројот на вработени наспроти бројот на пензионери.

Потребна е долгорочна и цврста стратегија која ќе го врати балансот на пензискиот систем и ќе ја обезбеди иднината на сите генерации во земјата.

Ако брзо не се преземат конкретни мерки, „кредитното“ финансирање на пензиите би можело да стане дотолку обременувачко за економијата, што ќе остави последици за сите, од работници до пензионери.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП