Секојдневно сме сведоци на притисоците со кои се соочуваат домашните земјоделци поради големите количини на увезена храна, која често доаѓа по пониски цени и со недостапни услови за локалното производство.
Овој феномен носи негативни последици за земјоделците и ја загрозува одржливоста на домашното производство, потврдува економскиот експерт Ведран Кузмановски, кој смета дека е потребна итна ревизија на трговската политика за да се заштити овој клучен сектор во економијата.
Економска вредност на домашното производство
Кузмановски вели дека намалувањето на увозот на храна може да има значителни економски и социјални придобивки, бидејќи поголемата потрошувачка на домашни производи директно ги поддржува локалните производители.
„Со инвестирање во домашните ресурси и поддржување на локалните земјоделци, можеме да изградиме економски стабилен сектор кој ќе им понуди одржлива егзистенција на илјадници семејства“, посочува тој.
Според Кузмановски, домашното производство може да биде конкурентно, но се соочува со бројни предизвици, од високи цени на ѓубриво и семе до недостиг на работна сила и климатски промени.
Намалувањето на увозот, вели тој, може да создаде услови за поголема побарувачка на домашната храна, што ќе поттикне инвестиции во земјоделските технологии и ќе овозможи зголемена продуктивност.
Заштита од нефер конкуренција
Една од најголемите пречки за развојот на македонското земјоделство е нефер конкуренцијата со увезените производи, особено оние од соседните земји.
Овие производи, како што објаснува Кузмановски, често се субвенционирани или произведени под поповолни услови.
„Нашите производители не можат да се натпреваруваат со цените на увозните производи, бидејќи не располагаат со истите субвенции и поддршка од државата како странските земјоделци“, додава Кузмановски.
Тој нагласува дека потребно е да се воведат мерки за заштита на македонското земјоделство преку регулирање на увозот, односно да се прилагодат даноците и царинските такси за да се ограничат евтините увози.
„Земјоделците би добиле значителна поддршка ако увозот биде контролирано управуван, со цел да се намали влијанието на поевтините производи од странство“, вели Кузмановски.
Патот напред – поддршка и политики за развој
Експертите, исто така, потенцираат дека за долгорочна стабилност на македонското земјоделство е клучно воведување на стратегии за поддршка и финансиска помош.
„Ако навистина сакаме да ги заштитиме нашите земјоделци и да создадеме здраво земјоделство, државата треба да обезбеди субвенции за набавка на современа опрема, поддршка за обновливи извори на енергија во производството и подобрување на земјоделската инфраструктура“, додава аналитичарот.
Намалувањето на увозот на храна, според Кузмановски, е само дел од стратегијата за заштита на домашното земјоделство, но е важен чекор кој може да донесе позитивни резултати во блиска иднина.
Намалувањето на увозот значи зголемена потрошувачка на домашни производи, што е дополнителен поттик за вложување во земјоделскиот сектор.
Заштитата на земјоделците не е само економска потреба, туку и стратегија за одржливост, која ќе ја намали зависноста на државата од увоз и ќе ја зајакне локалната економија.
„Само преку балансирање на увозот и зајакнување на домашното производство, Македонија ќе може да постигне економски развој и стабилност во земјоделскиот сектор“, тврдат економистите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, истакна дека целта на Владата е да ја врати довербата на земјоделците кон институциите.
„Нашиот план, пред сè, е да ја вратиме довербата на земјоделците кон институциите, кон Владата, кон Министерството. Затоа што во една таква симбиоза ќе можат да сметаат земјоделците дека имаат партнер со кој ќе можат да разговараат за креирање на закони, програми, уредби коишто ќе значат искористување на повеќе средства или креирање на мерки кои што се од добробит на земјоделското производство – рече министерот Трипуновски.
Б.З.М.