Приходите од продажбата на руската нафта преку поморските терминали се зголемија на 1,6 милијарди долари во неделата од 7-ми до 13 октомври, од 1,54 милијарди долари во периодот од 30 септември до 6 октомври, покажуваат податоците на „Bloomberg“.
На цената на главната класа „Урал“ влијаеше поскапувањето на главните сорти на нафта на пазарот минатата недела. За четиринеделниот период, кој заврши на 13-ти октомври, приходите од нафтата се зголемија во просек на 1,52 милијарди долари неделно. Ова е највисокото ниво од почетокот на август, но сè уште е далеку од врвот од 2,17 милијарди долари постигнат во летото 2022-ра година.
Во првата половина на септември цената на руската нафта падна под плафонот од 60 долари поставен од Западот, но овој тренд беше краткотраен поради тензиите на Блискиот Исток.
Зголемувањето на заработката минатата недела беше забележано во позадината на намалените испораки – за 60.000 барели на 3,31 милиони барели дневно поради помалите количини од терминалите на Црното Море и пристаништата на Арктикот. За време на помалку нестабилниот четиринеделен период (16 септември – 13 октомври), извозот забележа благ пораст – од 7 илјади барели дневно на 3,33 милиони барели дневно.
Во неделата од 7-ми до 13-ти октомври се регистрирани 31 танкер со 23,1 милиони барели руска нафта. Минимално намалување на количините има во однос на претходната недела (23,6 милиони барели).
Тековните планирани ремонти на рафинеријата во Русија оставија повеќе нафта за извоз втор месец. Преработката на суровината во земјата е на најниско ниво од март и достигна околу 5,07 милиони барели дневно во првите 9 дена од октомври, според набљудувањата на „Bloomberg“.
Најголемиот дел од рускиот извоз на нафта оди во Азија – 3,09 милиони барели дневно во просек во последните четири недели. Тоа е помалку за околу 5% од врвот во април. Пазари за руска нафта се Кина и Индија. Кина добива во просек 1,21 милиони барели дневно преку танкери и околу 800.000 барели преку цевководи. Индија се движи кон 1,71 милиони барели дневно, покажа анализата, врз основа на дополнителни податоци од трговецот „Vortexa“ и аналитичката компанија „Kpler“.
Количините на нафта за Индија и Кина се всушност повеќе, бидејќи кон нив се упатуваат дел од танкери кои патуваат без претходно објавена дестинација, додава „Bloomberg“.
Турција е единствената блиска дестинација за танкери кои превезуваат руска нафта. Во периодот 16 септември – 13 октомври земјата има добивано во просек по 180.000 барели дневно.