Повеќе од една деценија Македонија се стреми да привлече странски директни инвестиции како клучен механизам за економски развој.
Сепак, и покрај низа реформски мерки и поволности, земјата сè уште заостанува зад останатите држави од регионот кога станува збор за значајни вложувања од странство.
Прашањето е зошто е тоа така и што ѝ недостасува на Македонија за да биде попривлечна за странските инвеститори?
Политичка стабилност и правна несигурност
Една од главните пречки кои ги идентификуваат аналитичарите е политичката нестабилност.
Во последниве години, Македонија поминуваше низ бројни политички турбуленции кои се одразуваат врз довербата на потенцијалните инвеститори.
Според експертите, ниту еден странски инвеститор не сака да вложува во земја каде што политичката сцена е нестабилна. Промената на влади, честите избори, и честите промени на законите создаваат несигурност.
Познавачите на состојбите објаснуваат дека за странските инвеститори, стабилниот политички систем е основа за долгорочна стратегија.
„Недостатокот на јасна насока и сигурност во законодавниот систем дополнително ја комплицира ситуацијата. Низ годините, видовме како неколку големи компании го напуштија пазарот токму поради сложените бирократски процедури и правната несигурност. Ова треба да се реши доколку Македонија сака да биде конкурентна“, коментираат економистите.
Недостаток на инфраструктура и технолошка напредност
Инфраструктурата е уште една клучна точка која ја намалува конкурентноста на Македонија како дестинација за странски инвестиции.
Иако се направени одредени подобрувања во патната мрежа и енергетската инфраструктура, земјата сè уште заостанува зад соседите како Србија или Бугарија, кои инвестираа значително во модернизација на своите индустриски зони и транспортни коридори.
„Многу странски компании бараат локации со добри транспортни врски и технолошки напредни услови за работа. Македонија сè уште нема доволно развиени индустриски зони со целосна инфраструктурна поддршка и енергетска сигурност. Ова е нешто што мора да се приоритизира во идните планови за развој“, велат нашите соговорници.
Недостаток на квалификувана работна сила
Покрај инфраструктурните предизвици, недостигот на квалификувана работна сила е уште една пречка.
Иако Македонија има релативно младо население, емиграцијата на високообразовани кадри продолжува да биде сериозен проблем.
Сè повеќе млади луѓе заминуваат во странство во потрага по подобри можности, оставајќи празнина на домашниот пазар на труд.
„Странските инвеститори бараат квалификувана и флексибилна работна сила која може брзо да се адаптира на новите технолошки барања. Меѓутоа, македонскиот образовен систем не произведува доволно кадри со специфични технички вештини кои се барани на глобалниот пазар“, заклучуваат економистите.
Што треба да се направи?
За Македонија да стане поатрактивна за странските инвеститори, порачуваат експертите, неопходно е да се направат структурни реформи на повеќе фронтови.
„Треба да се работи на стабилизирање на политичката сцена, поедноставување на бирократските процедури и да се вложува во развој на квалификувана работна сила. Само тогаш земјата може да се позиционира како сериозна дестинација за инвестиции“.
Дополнително, посочуваат тие, неопходно е да се инвестира во модернизација на инфраструктурата и во креирање на поволни услови за технолошки развој, што би ги привлекло современите индустрии.
„Македонија има потенцијал, но без значителни промени, ќе продолжи да биде надвор од радарот на глобалните инвеститори“, предупредуваат аналитичарите.
Б.З.М.