Бизнис секторот се повеќе е заинтересиран за воведување на соларната енергија во своето функционирање. Над 70 компании од различни сектори, и тоа од преработувачката индустрија, услужни дејности, како и од енергетска дејност се на ист став, кредитната линија на Европската инвестициска банка за финансирање на вакви проекти е одличлна можност за целокупното стопанство. Сето ова доаѓа во време кога енергетската одржливост игра се поголема улога во работењето на компаниите.
Кредитната линија на Европската инвестициска банка EIB7, има за цел да ги поттикне локалните бизниси да се пренасочат кон обновливи извори на енергија и да го намалат нивниот јаглероден отпечаток. Компаниите кои се заинтересирани за ваква инвестиција, имаа дилеми по неколку прашања како што се, избегнување на типични грешки и ризици при инсталирање соларни системи и фотоволтаици, но и кој е вистинскиот систем за складирање енергија за веќе постоечки соларен систем.
Оваа кредитната линија EIB7, е во тесна соработка со Развојна Банка на Македонија. Но и со дел од комерцијалните банки. Кредитната линија изнесува 100 милиони евра, а има за цел да влијае на намалување на јаглеродниот отпечаток и да овозможат раст на малите бизниси кои ќе бидат отпорни на климатските промени.
Според Претседателот на Групацијата за обновливи извори на енергија при Стопанската комора Тодор Анѓушев, добро е тоа што се зголемува бројот на компании кои размислуваат за енергетска оддржливост.
“Растот на изградба на фотоволтаици, носи зголемено производство на електрична енергија, но и предизвик за дебаланс на енергетскиот систем и големи разлики на цени во различно периоди од денот. Токму затоа, сега е време да зборуваме за изградба и инсталирање на батериски системи за складирање на енергија, кои ќе донесат сигурност на инвеститорите, како и постабилни и пониски цени на електрична енергија во текот на денот за индустријата, но и за домаќинствата во иднина. Се надеваме дека институциите брзо ќе постапуваат и за кратко време ќе се регулираат сите аспекти за воведување на батериско складирање на електрична енергија и со поголем капацитет во интерес на целото општество и електро-енергетскиот систем”, изјави Тодор Анѓушев.
Од Народната банка пак напоменуваат дека потребна е поголема мобилизација на финансиски средства, особено од приватниот сектор, за зелена трансформација, како дел од структурните реформи и за конвергенција на економиите во развој кон ЕУ.
Анализите на ММФ покажуваат дека до 2030 година, уделот на приватниот сектор во зеленото финансирање треба да се зголеми од 40% на 80 до 90% кај брзорастечките и економиите во развој. Улогата на централните банки во поддршката на зелената трансформација станува сѐ поизразена во изминатите пет години, вклучително и на Народната банка, којашто ова прашање го разгледува на системски начин поставувајќи го во рамките на своите стратегиски цели.
И.П