2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКатар го проширува извозот на течен природен гас поради зголемената побарувачка

Катар го проширува извозот на течен природен гас поради зголемената побарувачка

Катар планира да го прошири извозот на течен природен гас во услови на зголемена побарувачка и пауза во проектите кои генерираат раст во САД, клучниот конкурентски снабдувач, пишува „Bloomberg“.

Земјата, која се натпреварува со САД и Австралија како најголем светски снабдувач со гориво, ќе развие нов проект од 16 милиони тони годишно до крајот на оваа деценија, со што ќе го зголеми годишниот капацитет на производство на 142 милиони тони до 2030-та година, рече министерот за енергетика, Саад Ал-Кааби.

Проширувањето го отвора патот за блискоисточната земја да обезбеди долгорочна доминантна улога во светскиот извоз. Веќе има потпишано серија договори за продажба на залихи од сегашното проширување на 126 милиони тони, вклучително и 27-годишен договор со „China Petroleum & Chemical Corp.“ и европските компании како „Eni“, „TotalEnergies“ и „Shell“. Побарувачката за течен природен гас се очекува да порасне за повеќе од 50% до 2040-та година, поттикната од растечката потрошувачка во Азија, истакна „Shell“.

Проширувањето следи по отворањето на 7 трилиони кубни метри нови резерви на гас во северното поле, што ги носи вкупните резерви на околу 56 трилиони кубни метри, рече Ал-Кааби.

„Земјата сè уште ги проценува новите бунари на теренот и ќе произведува повеќе ако најде дополнителен гас. Катар сѐ уште не одлучил дали ќе привлече партнери во новиот проект“, додаде Ал-Кааби.

Пауза во САД

САД воведоа привремено замрзнување на новите дозволи за извоз на ЛНГ во јануари додека ги испитуваат ефектите од повисоките залихи врз климатските промени, економијата и националната безбедност. Паузата на одобрувањата може да трае 14 месеци, рече советникот за енергија во Белата куќа, Амос Хохштајн.

Паузата на САД доаѓа откако производителите и другите поддржувачи инсистираат на тоа дека природниот гас е алтернатива со пониски емисии на јагленот или нафтата и може да го надополни растечкото усвојување на обновливите извори на енергија. Ал-Кааби очекува глобален недостиг на гас и покрај новите проекти.

„Единствено нешто што би не спречило да објавиме повеќе проекти е ако не веруваме дека има пазар за гас“, рече тој.

Голем дел од побарувачката најверојатно доаѓа од Азија, а Европа, исто така, ќе продолжи да троши гас долго време, иако стапката на раст ќе биде побавна, коментира Ал-Кааби.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП