2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали не чека нов бран на инфлација поради хаосот во Црвеното Море?

Дали не чека нов бран на инфлација поради хаосот во Црвеното Море?

Бунтовниците Хути во Јемен со месеци напаѓаат трговски бродови и ги спречуваат да поминат низ Црвеното Море. Според податоците на Обединетите нации, сообраќајот на таа рута е намален за 42 отсто во последните 2 месеци.

Многу превозници се принудени да поминат многу подолг пат околу Ртот Добра надеж во Јужна Африка, што ги зголемува нивните трошоци. И додека Европската комисија тврди дека поради нападот на бродовите немало поскапување на стоките и на енергенсите, превозниците посочуваат дека синџирите на снабдување се веќе нарушени. И ако нестабилната состојба потрае подолго, тоа секако ќе предизвика поскапувања.

Нестабилната ситуација на Блискиот Исток доведе до прекини во транспортот и снабдувањето, но засега се избегнати други ценовни шокови. Со оглед на важноста на овој транспортен коридор, особено за трговијата меѓу Европа и Азија, од Брисел велат дека нема пасивно да ги набљудуваат случувањата во таа област.

-Црвеното Море е високо на листата на нашите приоритети. Ќе започнеме нови поморски безбедносни операции, но допрва треба да видиме во која насока тие ќе работат, изјави високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел.

Но, тој ќе мора брзо да дејствува. Од германската хемиска индустрија, најголемата во Европа, чиј годишен обрт е 260 милијарди евра, велат дека се повидливи се последиците од прекините во снабдувањето.

-Нема краткорочно решение за оваа ситуација. Мора да земеме предвид дека ќе ни треба многу повеќе време за набавка. За да ги направиме нашите клиенти малку среќни во овие околности, мораме рамномерно да ги дистрибуираме нашите производи, чие количество е ограничено, нагласи Мартина Нигсвонгер, претседател на Управниот одбор на Gechem.

Голема штета трпи и Индија, која дури 80 отсто од извозот во Европа го дистрибуира преку Црвеното Море и Суецкиот канал. Со оглед на тоа дека се 13 милијарди евра месечно, две недели подолго патување ќе има големи негативни ефекти.

-Ефектот на производите со поголема додадена вредност можеби не е толку голем, бидејќи процентуалното зголемување на нивните цени ќе биде многу помало. Но, голем проблем ќе бидат поевтините производи, кои се многу почувствителни на ценовните шокови, изјави Исрар Ахмед, претседател на Федерацијата на индиски извозници.

Нестабилноста на Блискиот Исток силно влијае на туристичкиот сектор на тамошните земји. Во Јордан мака мачат со откажување на резервации за сместување и летови на авиокомпании, пред се од Европа.

-Изминативе години пополнетоста на хотелите во овој момент беше над 80 проценти. Годинава тој може да биде само меѓу 5 и 10 проценти. Ова ќе влијае на туристичката индустрија низ целата земја. Проценките се дека би можеле да изгубиме речиси 15 отсто од приходите од туризмот, што би било многу сериозен удар, коментира Салахалдин Ал Бетар, претседател на хотелската асоцијација во Акаба.

Колку подолго трае конфликтот, толку поголеми ќе бидат глобалните економски ефекти. Во ситуација кога облакот на рецесија лебди над Европа, а инфлацијата сè уште не паднала на посакуваното ниво, растот на цените и нарушувањата на понудата би можеле дополнително да ја разнишаат и онака кревката економска слика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП