28 април, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈААктивистите добија една од најтешките битки против извршителите!

Активистите добија една од најтешките битки против извршителите!

Активистите кои со години протестираат против работата на извршителите добија една голема битка. Уставниот суд ги отфрли сите иницијативи кои беа против законското решение за застарување на долгови кои се постари од 10 години. Оваа одлука на судот е правична според невладиниот сектор а нивните реакции се дека граѓаните сега може барем малку да стивнат, но борбата против работата на извршителите ќе продолжи и понатаму.

Извршителите и судовите сега ќе мора да ги почитуваат и да постапуваат по најновите измени на Законот за облигациони односи и Законот за извршување каде се наведува дека долгот постар од 10 години станува застарен и нема обврска да се плати. Ова исто така значи и дека граѓаните кои имаат блокирани сметки од извршители повеќе од 10 години може слободно да побараат деблокирање и потврда дека нивниот долг е застарен, или доколку не им поминале 10 години од извршното решение, во тој случај да побараат намалување на каматите, бидејќи каматите кои ги плаќаат не смее никако да бидат поголеми од основниот долг.

Ана Глигорова која е една од најгласните активистки против работата на извршителите вели дека, одлуката на Уставниот суд е историска, но е донесена со факти и аргументи во корист на граѓаните.

„Со одлуката да се отфрлат иницијативите на Комора на извршители, Адвокатска комора, ЕВН, Телеком, итн, да не поведе постапка за разгледување на измените во ЗОО донесени во јули 2023 година, а во контекст на застареноста на побарувањата и висината на казнената камата се испиша историја. Дискусијата на судиите издржана, со факти, анализа, покажа дека правдата е во таа просторија, и дека е на страната на народот, на сите луѓе кои живеат во Македонија. Претседателката на Уставен суд Кацарска го покажа своето знаење на правото. Со гласањето да се отфрлат иницијативите веќе имаме простор да се повикаме на застареност и на уште посилна борба против неправдата која со тешка болка ја трпиме во агонија преплатувајќи прастари долгови, измислени, заокружени пари. Топол ветер во грб за да се избориме за правда до крај.Борбата продолжува!“ вели активистката Ана Глигорова.

Марјан Ненов, од Здружението Но Пасеран исто така е задоволен од одлуката на Уставен и вели дека конечно повеќе извршителите нема да може да наплатуваат долгови кои се стари повеќе од една деценија.

„Сите извршни решенија кои се постари од 10 години се застарени. Граѓаните кои имаат извршни решенија донесени пред 10 години од фирми како што се Топлификација, БЕГ, ЕВН, Телеком, од банки и други крвопијци се застерени и нивното понатамошно извршување е противзаконско. Извршителите кои самоиницијативно не ги сопрат овие извршувања работат противзаконски и против нив треба да се покренат кривични постапки, да се побара парично обештетување за финансиски износ плус камати кој бил одземен по истекување на десет годишниот период и да се покрене дисциплинска постапка за одземање на лиценцата за работа. Ова треба да го направи секој оштететн „должник“ за да побрзо се уреди извршувачкиот простор“, вели активистот Марјан Ненов.

И поранешниот пратеник Самка Ибраимоски во последниот период е многу активен на ова поле. Тој е редовен учесник на протестите на граѓаните кои имаат мака со извршителите. Еве што вели Ибраимовски:

„Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на автентичноста на измените на Законот за облигации, и донесениот закон останува на сила. Министер за правда, вие чекавте што ќе одлучи Уставен и еве правдата ја донесоа уставниот судии. Сега Вие сте на потег, да кажете да го спроведуваат законот и да им дадете насоки бидејќи вие сте надлежни за извршителите. Очекуваме да излезете пред јавноста и да кажете за законот за застареност односно за ЗОО.“

А од Уставниот суд вчера пристигна информација дека судот одлучи да не поведе постапка за Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за облигационите односи и на Законот за извршувањето од причина што смета дека двата закона се во согласност со Уставот. Ова значи дека не се прифатени наводите на подносителите од 15 иницијативи, кои за овој предмет беа поднесени до судот.

„Остануваат во правниот промет сите членови од измените на Законот за облигационите односи, како што е членот 1, кој дефинира дека износот на достасаната, неисплатена казнена камата престанува да тече кога ќе го достигне износот на главниниот долг. Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека се повредува правото на сопственост на доверителите со тоа што законодавецот, односно Собранието, предвидело да се ограничи висината на казнената камата кога ќе го достигне износот на главниот долг. Судот смета дека оспорениот член 4 од Законот за облигациони односи нема повратно дејство, односно ретроактивност бидејќи се однесува на постапки кои се уште траат, не се завршени, а не и на оние постапки кои пред влегувањето во сила на законот завршиле. Судот оцени и дека не е повреден принципот на поделба на власта, како што се тврди во иницијативите. Според Уставниот суд, неприфатливо е тврдењето во иницијативите дека должникот е доведен во попривилегирана положба во однос на доверителот, бидејќи членот 1 не дефинира за кого се однесува, туку напротив јасно и прецизно произлегува дека се однесува на сите субјекти на пазарот подеднакво“, соопшти Уставниот суд

Последните измени на законските решенија беа донесени во јули ланската година. Според извршителите, измените биле збунувачки и не се знаело за кои предмети точно треба да важат новите правила. Извршителите и адвокатите побараа и доработка на измените но засега нема најави дека тоа ќе се реализира. Главната мака на граѓаните во минатото беше што за долг од неколку денари, по изминати десетина години должниот не бил известен и неговиот долг достигнувал и до десетици илјади денари.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП