2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДо кога терминот „развоен буџет“ во реалноста ќе значи: повеќе пари за...

До кога терминот „развоен буџет“ во реалноста ќе значи: повеќе пари за плати, зголемен јавен долг, нереализирани капитални инвестиции?!

Економијата никако да стане приоритетна тема во Македонија. И покрај тоа што властите често пати потенцираат дека во земјава економијата се развива со брзина на светлината, во реалноста тоа е сосема друго. Светло речиси и да нема. Економски раст на ниво од статистичка грешка, индустриско производство на позитивна нула, а од друга страна презентации дека растат плати и се намалува невработеност. Кој работи а кој заработува, е клучното прашење во државава. Владата го зголемува оптимизмот за годината што следи, едно поради финансиската инјекција која ја најави меѓународниот фактор, а второ поради изборите кои неофицијално се закажани за пролет.

Од самата конструкција на буџетот за 2024 година моиже да се забележи дека владата планира повеќе од половина пари да потроши на плати, пензии, и останати социјални трансфери. А владата пак го најавува како развоен буџет бидејќи како што велат буџетот на државата ќе се троши во корист на граѓаните. Но дали е тоа така? Властите сакаат да кажат дека и оваа година ќе се водат од правилото да проектираат ниво кое што ќе биде повисоко за реализација на капитални инвестиции, од она ниво на кое треба да биде буџетскиот дефицит. Но, според официјалните податоци на министерството за финансии, и ако со години владата најавува ваков тип на работење, тоа не се случува туку дупката во буџетот се продлабочува а капиталните инвестиции се намалуваат. Пред помалку од десет дена буџетскиот дефицит изнесувал речиси 33,5 милијарди денари, а реализацијата на капитални расходи без малку 31,5 милијарди денари.

„На 16.11.2023 година, Буџетскиот дефицит е ПОГОЛЕМ од Капиталните расходи за 2.023 мил МКД (33 милиони евра). До крајот на годината, ќе се засилат Капиталните расходи. Но, Капиталните расходи се дел од вкупните расходи на буџетот и затоа ќе влијаат и на растот на Буџетскиот дефицит. Во изминатите ТРИ буџетски години НЕ се почитувало „Златното буџетско правило“: Капиталните расходи да бидат ПОВИСОКИ од Буџетскиот Дефицит, напротив, Дефицитот бил поголем од Капиталните расходи, особено во 2020 година (причините се познати). Си мислам ако е „златно правилото“ зарем така лесно би се прекршувало?!“ вели даночниот експерт Павле Гацов.

Економистот Абил Бауш за Денар вели дека државниот буџет мора повеќе да го користиме за финансирање на развој на земјата. Буџетските средства се користат за инвестиции во инфраструктура, образование, здравство, но тоа според него е незадоволително. Многу повеќе, додава Бауш парите на граѓаните завршуваат за непродуктивни цели или за чист популизам. Наместо додадена вредност, парите се трошат за работи од кои корист имаат најчесто поединци.

„Процентот на инвестиции во буџетот на државата зависи од неколку фактори како што се приоритетите на политиката, развојните потреби на земјата и економските услови. Сепак, не постои утврдена универзална стапка за тоа колку треба да се инвестира. Одлуките за нивото на развојни инвестиции ги одредува владата на секоја земја, врз основа на нивните стратешки цели и финансиски ресурси. Во пракса, многу влади се обидуваат да одржат рамнотежа помеѓу тековните и капиталните расходи (инвестиции). Развојните инвестиции може да се движат од неколку проценти од државниот буџет во земјите со напредни економии, до значителен дел од буџетот во земјите во развој, каде што има поголема потреба од инфраструктура и развој.Исто така, важно е инвестициите да бидат одржливи и да не доведе до неподнослив јавен долг. Владите, исто така, мора да ја разгледаат ефективноста и влијанието на нивните инвестиции за да обезбедат дека средствата се трошат на најкорисен начин“, вели економистот Абил Бауш.

А поранешниот министер за финансии Трајко Славески вели дека загрижува фактот што половина од проектираниот буџет за идната година е наменет за камати на долгови од преходниот период. Неговите видувања се дека во периодот што следи долгот на државата ќе расте, па затоа додава дека мора да се направи посериозна финансиска консолидација.

„Имаме скриен долг, не се само оние осум милијарди евра јавен долг кај нас, Долгот се проценува на 600 милиони евра на јавните претпријатија и здравствените установи. Тие како да немаат строги буџети, буџетите им се отворени. Проектираните буџети имаат третман на обично парче хартија, кое не е ниту рамка. Во социлализмот зборувавме дека за меки буџетски ограничувања, а тоа е еден дополнителен ризик за одржливоста на јавниот долг и одржливоста на макроекономската стабилност и македонската економија.“ изјави Трајко Славески.

Од власта пак неуморно кажуваат дека работат само во корист на граѓаните и стопанството. Нивните економски политики велат дека даваат резултатаи, а тоа ќе продолжи и во следната година. Ќе се градат капитални проекти, ќе се помага на стопанството а граѓаните подобрио ќе живеат.

„Она што е важно е каква е структурата на Буџетот, бидејќи станува збор за пари на граѓаните и стопанството, коишто се собираат преку даноци, а со нив се финансираат сите потреби. Така во Предлог-буџетот за 2024 година имаме многу повисоки позиции во однос на претходната година. Приходите се планирани со раст од 10%, расходите со раст од 5,8%, што значи намалување на дефицитот на 3,4%, којшто во 2020 година, во време на пандемијата на коронавирусот изнесуваше 8% од БДП. Притоа имаме зголемување на капиталните расходи, коишто од 262 милиона евра во 2020 година се зголемуваат на 733 милиони евра или повеќе од двапати. Исто така, имаме и 18% раст во делот на платите“, велат од Владата.

И додека официјалните податоци кои ги објавуваат државните институции покажуваат дека во Македонија се зголемува куповната моќ, преку намалување на инфлацијата, а раст на просечната плата, граѓаните се уште се жалат дека се потешко го минуваат месецот. Во периодот што следи се очекува да биде објавен и новиот пакет на државна помош за граѓаните. А во исто време и компаниите имаат постојани барања од владата за подобрување на бизнис климата и намалување на административните бариери и парафискални трошоци.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП