4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА(Пре)високиот буџет за 2024 година ќе ни ја фрли економијата на колена?

(Пре)високиот буџет за 2024 година ќе ни ја фрли економијата на колена?

Државата за следната година испланира буџет од 5,5 милијарди евра, кој е поголем за 5,8 отсто од годинeшниот и е речиси еднаков на половина од домашниот бруто производ (БДП).

Според власта, буџетот е развоен и обезбедува солидни основи за раст на економијата и подобар стандард за граѓаните.

Но, дали ова е навистина добра стратегија или, пак, е опасен потег кој може да ја приближи земјава кон грчкото сценарио?

Инаку, за тие коишто заборавиле или коишто не знаат, грчкото сценарио се однесува на финансиската криза која ја зафати Грција пред неколку години, кога земјата не можеше да ги исплати своите долгови и беше приморана да бара помош од Европската Унија и од Меѓународниот монетарен фонд. Како услов за добивање на кредити, Грција мораше да спроведе строги мерки за штедење, кои предизвикаа социјални и политички протести, намалување на БДП, зголемување на невработеноста и сиромаштија.

Дали нашата земја е во опасност да ја повтори истата грешка?

Економисти и стопанственици предупредуваат дека инфлацијата сè уште е висока, задолжувањето расте, инвестициите тешко се реализираат, а економијата има проблеми со работната рака.
Според нив, буџетот за 2024 година е претерано оптимистички и не ја одразува реалната состојба во земјава.

Тие сметаат дека буџетот треба да биде поскромен и да се фокусира на стабилизација на јавните финансии, поддршка на приватниот сектор и реформи во образованието, здравството и правосудството.

И професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии смета дека Предлог-буџетот за 2024 година е нереален и дека не одговара на моменталната криза.
Јовановиќ вели дека макроекономските и приходните проекции се преоптимистички.

„Се проектира раст на БДП од 3,4 проценти, што е многу повисоко од сите меѓународни институции. Нашиот Институт, на пример, прогнозира раст од 2 проценти, а Светска Банка од 2,5 проценти. Инфлацијата, пак, се проектира на 3,6 проценти, што е прениско – нашиот Институт проектира 5 проценти инфлација, а Народна Банка 4 проценти. Дури и да се прифатат овие макроекономски проекции, проекциите за буџетските приходи се превисоки. При номинален раст на БДП од 7 проценти (3,4 проценти + 3,6 проценти), се проектира раст на приходите од 10 проценти, што не гледам како може да се случи, кога нема планирано никаква даночна реформа“, појаснува Јовановиќ.

Предвидениот раст од 5 проценти кај социјалните трансфери, според Јовановиќ, е недоволен во услови на моменталната криза.

„Инфлацијата оваа година ќе биде околу 10 проценти, лани беше 14 проценти, десетици илјади луѓе западнаа во сиромаштија поради овие поскапувања, а социјалните трансфери се зголемуваат за само 5 проценти. Нема детали за да се види колку ќе се зголемат платите, колку пензиите, колку социјалната помош, ама 5 проценти е апсолутно премалку и недоволно за да се спречи сиромаштијата да продолжи да расте“, вели Јовановиќ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека буџетот за 2024 е напумпан, и не носи развој, туку криминал и корупција.

„Од 2018 година до денес власта потроши 25 милијарди евра низ буџети, и ништо ново не направи. Македонија стагнира на секое поле, нема учебници за учениците, нема лекови за болните, нема покачување на пензиите за пензионерите. 6 години нема еден готов автопат. Кичево-Охрид е во застој, Скопје-Блаце не е ниту почнат. Каде се трошат милијардите евра од буџетите 6 години по ред? Очигледно е дека наместо кај граѓаните, парите завршуваат кај криминалците, затоа и власта се обидува да купи ден повеќе власт во 2024 година, за да продолжи со криминалот и корупцијата до последен ден“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП