27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Moody's“ ја намалува прогнозата за САД од стабилна на негативна

„Moody’s“ ја намалува прогнозата за САД од стабилна на негативна

Во петокот, „Moody’s Investors Service“ ја намали прогнозата за рејтингот на американската влада од стабилен на негативен, со што ги потврди растечките ризици за фискалната стабилност на земјата, пишува „CNBC“.

Рејтинг агенцијата го потврдува долгорочниот рејтинг на издавачот и необезбедениот рејтинг на САД на ниво „ААА“.

„Во контекст на повисоки каматни стапки, без ефективни мерки на фискалната политика за намалување на владините трошења или зголемување на приходите, „Moody’s“ очекува дека американскиот фискален дефицит ќе остане многу голем, што значително ќе ја ослабне достапноста на долгот“, велат од агенцијата.

Превирањата во Вашингтон се исто така фактор што придонесува за тоа, сметаат од „Moody’s“.

„Континуираната политичка поларизација во американскиот Конгрес го зголемува ризикот следните администрации да не можат да постигнат консензус за фискален план што ќе го забави падот на достапноста на долгот“, соопшти рејтинг агенцијата.

Што се однесува до задржувањето на рејтингот „ААА“ на земјата, „Moody’s“ вели дека очекува САД „да ја задржат својата исклучителна економска сила“.

„Понатамошните позитивни изненадувања за раст на среден рок би можеле барем да го забават влошувањето на достапноста на долгот“, исто така верува агенцијата.

„Иако изјавата на „Moody’s“ го одржува рејтингот „ААА“ на Соединетите држави, ние не се согласуваме со потегот кон негативна перспектива. Економијата на САД останува силна, а државните трезори се најбезбедното и најликвидното средство во светот“, рече во изјавата заменик-секретарот за финансии на САД, Воли Адејемо.

Намалувањето на рејтингот на „Moody’s“ доаѓа кога Конгресот повторно се соочува со заканата од затворање на владата. Во моментов тој се финансира до 17-ти ноември, но пратениците во Вашингтон и понатаму се расправаат околу нацрт-законот пред крајниот рок.

Новоизбраниот претседател на Претставничкиот дом Мајк Џонсон посочи дека ќе го објави републиканскиот план за финансирање на владата, потег што ќе им даде време на членовите на Претставничкиот дом да го проучат пред очекуваното гласање за мерката во вторник.

Но, неговиот план да финансира некои делови од владата до 7-ми декември, а други до 19-ти јануари, познат како „континуирана резолуција“ или „CR“, нема да помине во Белата куќа и Сенатот под контрола на демократите, според „CNBC“ и ја цитираше прес секретарката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер:

„Одлуката на „Moody’s“ да го промени изгледот на САД е уште една последица на екстремизмот и дисфункција на републиканците во Конгресот“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП