13 декември, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАБрзата помош работи „турбо“, ама толку се капацитетите – граѓаните бараат побрза...

Брзата помош работи „турбо“, ама толку се капацитетите – граѓаните бараат побрза услуга

Само седум медицински екипи дневно им стојат на располагање на 600.000 граѓани во главниот град. Тоа значи тим од еден доктор, медицинска сестра и возач опслужуваат повеќе од 90.000 луѓе.

Слабата покриеност на теренот ја потврдуваат и искуствата на пациентите. Сè повеќе граѓани се жалат дека чекаат многу долго време за да дојде возило на Брза помош.

Еден од нив е 23-годишниот Мартин Петровски, студент од Скопје, кој пред неколку месеци се лизнал и паднал од својот мотор на булеварот Митрополит Теодорсиј Гологанов.
Поради тоа што двете нозе му биле повредени, бил принуден да повика Брза помош, но таа, како што вели, не била баш толку брза колку што се очекува да биде.

„Побарав помош преку телефон и им објаснив дека не можам да станам и дека крварам. Тие ми рекоа дека ќе пратат екипа што е можно побрзо, но да имам разбирање поради тоа што имаат многу интервенции. Лежев на асфалтот скоро половина час, а никој не дојде. Потоа ги побарав повторно и ми рекоа дека сè уште чекам на ред. Не можев да верувам. Решив да повикам такси и на тој начин стигнав до болницата. Среќа што не беше нешто посериозно, ама сепак ми требаше помош”, вели Петровски.

Пред неколку години, слична ситуација доживеал и скопјанецот Василије, кој повикал Брза помош за својата 85-годишна мајка на која ѝ се слошило. Но добил одговор дека комбињата се зафатени и дека предност имаат помладите пациенти.

„Мајка ми има срцеви проблеми и висок притисок. Таа почна да се жали дека не може да дише и дека ѝ е лошо. Јас веднаш побарав Брза помош и им кажав дека се работи за итен случај. Тие ми рекоа дека немаат слободни екипи и дека морам да почекам. Јас викав и молев дека мајка ми е во животна опасност, но тие ми рекоа дека имаат други приоритети и дека не можат да ми помогнат. Бев шокиран. Како можат да ми кажат дека мајка ми не е важна? Како можат да прават разлика меѓу пациентите?”, прашува Василије.

Но, и покрај поплаките од граѓаните, раководителката на оваа здравствена установа Милица Бубало во интервју за ТВ Алфа минатата недела рече дека ситуацијата не е така алармантна иако секогаш може подобро.

Таа уверува дека екипите прават сè што е во нивна моќ за да стигнат најбрзо што можат, а на граѓаните им порача сами да проценат дали пациентот е во животозагрозувачка состојба или не.

„Граѓаните не можат сами да направат до некаде проценка на итноста и сметаат дека одредени здравствени состојби кај нив претставуваат итни. Јас пак ќе апелирам до граѓаните, дека одредени здравствени состојби кои се одвиваат подолг временски период, па еве и температурата, не се итни состојби. Значи, треба да се јават на матичен лекар и да се консултираат со него”, вели Милица Бубало, раководител на ИМП Скопје.

Со седум екипи, лекарите од Брза помош не го покриваат само централното градско подрачје. Од Катланово до Зелениково, Илинден, Сарај, Матка, Волково, сите овие места од периферијата зависат од оваа служба.

Како друг горлив проблем за доцнењето, Бубало го спомна и сообраќајниот хаос во Скопје.

„Екипи никогаш не се доволно на број. Во еден момент може сите да се во сите пунктови, а во следната секунда сите да се излезени на терен, така што сè зависи од моментите и од ситуациите – вели Бубало.

Денар на оваа тема разговараше со здравствени експерти кои беа дел од раководството на Министерството за здравство во периодот на претходната влада.

За да се подобри состојбата на итната медицинска помош во Скопје, вели нашиот соговорник, потребни се повеќе ресурси, кадар и организација.

„Потребно е зголемување на бројот на медицинските екипи и возила за итна помош, соодветно опремени и обезбедени. Подобрување на комуникацијата и соработката меѓу итната помош, болниците, полицијата и другите служби кои можат да помогнат при итни случаи. Обука и едукација на диспечерите и лекарите за итна помош, како и на граѓаните за тоа кога и како да повикуваат итна помош. Потребно е воведување на систем за приоритизација на пациентите според нивната состојба и потреба, без да се прави дискриминација по возраст, пол, националност или други основи. Исто така, потребен е развој на мрежа на примарна здравствена заштита, која би ги сведувала потребите од итна помош, преку превенција, промоција и рано откривање на здравствени проблеми“, изјави нашиот соговорник.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП