2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСиромаштијата е најдобра диета – народот пробува да не јаде како порано

Сиромаштијата е најдобра диета – народот пробува да не јаде како порано

Кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот и скапотијата предизвикана од војната во Украина, во голема мера го расипа потрошувачкото расположение кај граѓаните.

Ова се одрази и на трговијата со храна, која во август забележа намалена продажба во споредба со истиот месец минатата година. Ова значи дека граѓаните се одлучиле или принудени се да купуваат помалку храна или да бараат поевтини алтернативи.

Некои од нив се принудени да прават строги планови за пазарење и да се ограничуваат само на она што им е неопходно за да го преживеат месецот.

„Повеќе не влегувам во продавница без претходно направен список на продукти што ми се неопходни да ги купам. Немам пари за луксуз, само за основни работи. Секогаш гледам да купам на акција или да искористам попуст”, вели 65-годишниот Милан Перковски, пензионер од Скопје.

Слично размислува и 32-годишната Анета, скопјанка која работи како продавачка во еден од големите супермаркети.

Таа вели дека до пред неколку месеци нејзиното тричлено семејство трошело околу 10.000 денари за храна месечно, но сега пазарањето е далеку поскромно.

„Сега трошиме околу 6.000 денари месечно за храна. Немаме избор, платите се замрзнати, а цените растат. Мораме да се задоволиме со поевтини производи, да избегнуваме слатки и алкохол, да јадеме помалку месо, да месиме леб, да ги броиме оброците…”, ни изјави Анета.

Во трговијата на мало, во август годинава во споредба со август минатата година, гледано по групи и класи, зголемување на прометот е забележано само кај номиналната стапка во групата „трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво“ за 3,9%.

Како што објави Државниот завод за статистика, кај останатите групи е забележан пад и на номиналната и на реалната стапка и во: „трговија на мало со храна, пијалаци и тутун“ (номинално за 4,7%, а реално за 12,9%), „трговија на мало, освен трговија со горива“ (номинално за 0,6%, а реално за 8,2%) и во „трговија на мало со автомобилски горива“ (номинално за 18,8%, а реално за 9,8%).

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП