Според Обединетите нации, одгледувањето на кока во Колумбија минатата година достигна рекордно ниво.
Новите податоци ги објави Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал, според која минатата година на близу 230.000 хектари земјоделско земјиште во Колумбија биле засадени со кока, што е за 13% повеќе од претходната година.
Јужноамериканската земја е најголемиот светски извозник на кокаин, обезбедувајќи 90% од кокаинот што се продава секоја година во САД.
Владата на Колумбија во понеделникот соопшти дека површината засадена со кока се зголемува со побавно темпо отколку во претходните години. Властите се надеваат дека новите програми кои обезбедуваат поголеми економски стимулации за земјоделците да одгледуваат легални култури ќе помогнат да се намали производството на кокаин во наредните години.
Во саботата, претседателот Густаво Петро, чија влада ги намали целите за искоренување на кока, ги критикуваше напорите предводени од САД за борба против производството на дрога преку искоренување на посевите на кокаин, нарекувајќи го пристапот неуспешен.
Говорејќи на конференцијата во Латинска Америка за политиката за дроги организирана од неговата администрација, Петро ги повика соседите на Колумбија да го променат својот пристап. Тој рече дека употребата на дрога треба да се гледа како „прашање на јавното здравје“, а не како воено прашање.
„Треба да ставиме крај на катастрофалната политика која ја префрла вината (за производството на кокаин) на фармерите без да прашуваме зошто во некои општества луѓето консумираат дрога додека не се убијат“, нагласи Петро.
Според годишниот извештај на ОН, одгледувањето на кока во Колумбија забележа најзначаен раст во пограничните области каде кокаинот е лесен за транспорт и извоз.
Претставници на ОН соопштија дека производството на кока е намалено во внатрешноста на Колумбија поради падот на цената на листовите кока. Според експертите, ова им овозможува на земјоделците да се вклучат во проекти за замена на земјоделските култури.