27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечна плата само со прекувремена работа, ова не важи за избраните и...

Просечна плата само со прекувремена работа, ова не важи за избраните и именувани лица!

36.572 денари е висината на платата која во просек граѓаните на Македонија ја заработувале во јуни годинава. Оваа информација ја објави Државниот завод за статистика. Податоците од извештајот на оваа државна институција велат дека за една година платата во земјава е зголема за безмалку 15 отсто. Највисоки плати во државата добиваат компјутерџиите а најмалку заработуваат административците. Оние кои сакаат да стасаат до просечната плата во Македонија ќе мора да работат две работи, повеќе ноќни смени или да најдат хонорарна дејност која ќе им носи екстра профит. Синдикалците сега бараат преку законски измени функционерите да си ги намалат платите за 78 отсто.

Најголемиот дел од вработените во земјава заработуваат под висината на просечната плата. Ова го потврдува најновиот извештај на Државниот завод за статистика. Ако програмерите месечно во просек заработуваат најмногу во Македонија или 92 илјади денари им е платата, на дното по износот на плата се вработените во административните дејности кои месечно имаат плата во просечна висина од 27.500 денари. Ако се видат бројките во графата на преработувачката индустрија каде се вработени најмогу граѓани во приватниоит сектор, тогаш може да се забележи дека просечната плата која ја добиваат е за 4.500 денари под просекот во државата, односно 32 илјади денари. Градежните работници и транспортерите се на подобра позиција од нив и тие месечно заработуваат нешто над  600 евра. Солидна плата заработуваат вработените во финасиските дејности каде се добива месечна плата од над 55 илјади денари, а десетина илјади помалку заработуваат граѓаните кои се занимаваат со стручни дејности и занаети.

Од Сојузот на синдикати на Македонија за Денар велат дека од самиот извештај за Државниот завод за стистика се гледа во кои сектори има зголемување на платите, во јавниот сектор нема толкаво зголемување на плати, иако велат дека тие го побарале истото зголемување на платите од 15 отсто,  како што е покачена просечната платата, но добија само 10 отсто зголемување.

„Во јавниот сектор, а поготово во администрацијата уште помалку имаме толкаво покачување кое што го објави статистика, многу пати имаме кажано само две нивоа од вработените во администрацијата имаат над просечна плата, сите други се под просечна плата. Потребно е државата да најде поинаков начин за пресметка на плата и мислам дека она што го предвидовме во општиот колективен договор за во 2025 година ќе биде решение за ваквите проблеми.  Мора на владата да и биде јасно дека само со пресметка на просечната плата граѓаните ќе може да испливаат од оваа инфлација. Се додека нашите плати се пресметуваат по минимална плата секогаш ќе имаме проблем со растот на инфлацијата односно со растот на просечната плата. Бидејќи обичниот работник во државата нема како да ја стигне просечната плата. Во јавниот сектор многу тешко некој да земе 36 илјади денари, во приватниот сектор таму кај што сме синдиклано организирани може да има но еве во оние индустриски зони платата не е толку голема колку што вработените земаат додатоци на плата, дали е тоа прекувремена работа или е работа на празник и слично. Се уште има голем дел каде не се исплаќаат овие додатоци, секој ден имаме пријави дека не се исплаќаат додатоци.“ велат од ССМ.

За револтот да биде поголем, на функционерите не им се брза да си ги намалат платите на она ниво на кое им беа примањата пред Уставниот суд да донесе одлука за енормното зголемување од 78 отсто за избраните и именувани лица. Синдикалците сега поднесоа во собранието иницијатива за измени на законот за плата токму по ова прашање.

„Предлагаме порастот на платите на вработените во јавниот сектор и на функционерите да биде на еднакви принципи без дискриминација, согласно договорените принципи во Општиот колективен договор за јавен сектор и правилата за работниците да важат подеднакво за функционерите, па доколку Владата смета дека зголемување на платите од 10 проценти од септември 2023 година и утврдување на методологија за пресметка на платите по принципот просечна бруто плата и коефициент на сложеност на работното место но започнувајќи од 1 март 2025 година за работниците, истиот принцип функционерите треба да ги применат и за себе и затоа ССМ го дава овој предлог токму во таа насока на примена на еднакви принципи за платите на сите вработени во јавен сектор и избрани и именувани функционери, без оглед дали тоа е на централно или на локално ниво“ посочува ССМ. И од Институтот за економски анализи Фајнанс Тинк побараа избраните и именувани лица да најдат брз начин како да си ги намалат платите, бидејќи еден од најголемите револти во последниве неколку месеци кај граѓаните е тоа што тие не можат да врзат крај со крај, а функционерите да уживаат со неколку илјади евра месечна плата. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП