3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСлободниот пад на рубљата доведе до екстремна инфлација во Русија

Слободниот пад на рубљата доведе до екстремна инфлација во Русија

Инфлацијата во Русија се искачува на екстремни нивоа по острата депрецијација на курсот на рубљата.

Ова е според водечкиот економист проф. Стив Ханке, кој ја проценува моменталната годишна инфлација во Русија на 50% или 17 пати повеќе од нивото што го објави Централната банка.

Доколку се потврдат оценките на проф. Ханке, Русија би можела да се соочи со непозната инфлаторна криза додека војната со Украина продолжува, пишува „BusinessInsider“.

„Според Централната банка на Руската Федерација, очекувањата за инфлација скокнаа на 11,1% во јули. Денеска ја мерам инфлацијата на 50%, што е 5,5 пати повеќе од податоците на Централната банка. Очекувањата изгледаат премногу оптимистички“, објави професорот по применета економија на Универзитетот „Џон Хопкинс“.

Само минатата недела, Централната банка на Русија ги зголеми клучните каматни стапки за огромни 100 базични поени на 8,5% во обид да го задржи притисокот врз потрошувачките цени.

„Инфлациските очекувања се зголемија. Трендовите на домашната побарувачка и депрецијацијата на рубљата од почетокот на 2023-та година значително ги зголемуваат проинфлаторните ризици“, соопшти Банката на Русија.

Зголемената инфлација е само еден од многуте проблеми со кои се соочува руската економија. Уште посериозни се ризиците од драматичен колапс на вишокот на тековната сметка, остриот пад на руската рубља и падот на продажбата на автомобили, забележува „BusinessInsider“.

Најсериозен предизвик, сепак, останува бранот санкции од западниот свет предизвикан од инвазијата на Украина. Истражувачите од „Јеил“ дури тврдат дека рускиот претседател Владимир Путин ја „канибализира“ руската економија во неговата потрага да ја освои Украина.

„Лавовскиот дел од економијата е контролиран од државата, енергетскиот и финансискиот сектор, а Путин го зема основниот капитал на овие претпријатија за да го користи како „бисквит“ за својата воена каса“, велат истражувачите Џефри Соненфелд и Стивен Тијан.

Руската автомобилска индустрија е еден од секторите на економијата што е под притисок.

Продажбата на автомобили во Москва е намалена за речиси 75 отсто од избувнувањето на војната во Украина. Падот се должи на комбинација од три фактори: нагло зголемување на цените, намалување на понудата и влошување на расположението на потрошувачите. Во исто време, бројот на Руси кои купуваат автомобили со странски брендови, што обично се гледа како луксуз, речиси престана.

Западните санкции имаа сериозен негативен ефект и врз клучниот енергетски сектор по воведувањето на ценовните ограничувања и забрани, додава „BusinessInsider“.

Во јуни, руското Министерство за финансии објави дека приходите од даноците за нафта и гас се намалени за 36 отсто во однос на претходната година на околу 571 милијарди рубљи, а добивката од сурова нафта и нафтени деривати паднала за 31 отсто на 426 милијарди рубљи.

Во меѓувреме, валутата на земјата падна на 15-месечен минимум од 94,48 во однос на доларот претходно во јули, поттикната од одливот на капитал, намалувањето на даночните приходи и намалувањето на резервите на Централната банка.

„Рубљата нема каде да оди освен да опаѓа“, напиша на „Twitter“ економистот од Универзитетот во Чикаго, Константин Сонин.

Стравувањата за нестабилноста на валутата предизвикаа бран на домашни повлекувања од страна на Централната банка, во вкупна вредност од над 1 милијарда долари. Во обид да се спротивстави на негативните трендови, рускиот министер за надворешни работи ги повика земјите од Југоисточна Азија да го отфрлат доларот и да користат локални валути за водење трговија, заклучува „BusinessInsider“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП