27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропскиот пазар на труд не успева да извлече корист од миграцијата од...

Европскиот пазар на труд не успева да извлече корист од миграцијата од Украина

Европските земји не успеваат целосно да ја искористат можноста да го пополнат недостигот на работна сила преку пристигнувањето на милиони украински бегалци, иако многу од оние што бегаат од војната се високо образовани или поседуваат вештини кои и се многу потребни на Европа, пишува „Reuters“.

Приливот на луѓе по руската инвазија на Украина во февруари 2022-ра година треба да биде добар сигнал за земјите во источниот дел на Европската унија, каде што акутниот недостиг на работна сила долго го забави економскиот раст и ја поттикна инфлацијата.

Но, голем број пречки, кои се движат од недостаток на установи за згрижување деца до неподготвеност да се признаат неевропските академски и професионални квалификации, оставаат празни места непополнети и предизвикуваат разочарување кај новодојдените, главно жени. Многу од нив започнуваат работни места кои не се совпаѓаат со нивните вештини и образование и немаат долгорочни изгледи за кариерата што ја бараат.

Светлана Чухил поднела барање за условна лиценца за работа во Полска како лекар ортопед и физиотерапевт веднаш по бегството со двете деца. Повеќе од една година подоцна, таа беше информирана дека нејзината апликација бара клучен документ што останал во Украина.

Еден месец по пристигнувањето во Полска, 37-годишната Чухил, кој има дипломи по ортопедија, физикална терапија и организациски менаџмент, започна стажирање во центар за социјална помош со месечна плата од 1.400 злоти (353 долари) – тогаш околу половина од минималната плата во земјата.

Според истражувањето на „Deloitte“ спроведено во октомври, Полска има еден од најтешко регулираните пазари на труд во Европската унија.

„Не можев да најдам работа како доктор или физиотерапевт без да ми бидат признаени дипломите“, изјавила Чухил за „Reuters“.

По стажирањето, почнала да работи на две места надвор од медицинското поле, но и било тешко да го балансира својот напорен работен распоред со грижата за ќерките.

Соочена со високи кирии во западниот полски град Згорзелец, таа се преселила преку граница во Герлиц во источна Германија во декември, каде владата ќе ѝ плати сместување додека таа заврши курс по германски јазик и најде работа.

Од јануари таа работи како волонтер во центар во градот кој нуди психолошка помош на украинските жени и деца бегалци.

Можноста сè уште не е целосно изгубена

Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) проценува дека успешната интеграција на оваа најнова група бегалци може да ја зголеми работната сила во Европа за половина процентен поен и да помогне во олеснување на недостигот на работна сила, кој се наведува како главен фактор за постојано високата инфлација.

Но, 17 месеци по почетокот на војната, многу од украинските бегалци сè уште се вработени со краткорочни договори или работни места со скратено работно време, наместо со одржливи форми на вработување, вели Аве Лоран, аналитичар за миграциска политика во ОЕЦД со седиште во Париз.

„Мислам дека можноста веќе не е пропуштена. Она што сега треба да го направат овие земји е второ ниво на интеграција на пазарот на трудот“, додава Лорен, нагласувајќи ја потребата од обука, усовршување и признавање на квалификациите.

Во Германија, најголемата европска економија, која според Обединетите нации примила најмногу бегалци од Украина, бројот на слободни работни места се искачи на највисоко ниво од крајот на Втората светска војна.

Сепак, помалку од еден од пет бегалци нашол работа досега, бидејќи Берлин се фокусира на јазични курсеви кои треба да им помогнат на бегалците да најдат подолгорочни работни места што подобро одговараат на нивните вештини.

„Секогаш постои компромис помеѓу брзата и одржлива интеграција на пазарот на трудот“, рече Томас Либиг, главен економист во одделот за меѓународна миграција на ОЕЦД.

Оксана Кротова е магистер по филологија и пред инвазијата работела како хотелски менаџер во Киев. Сега работи како рецепционер во хотел во Берлин.

„Никому не му треба хотел во град разурнат од војна“, вели Кротова.

Од јануари 34-годишната жена, која нема деца, ја комбинира својата работа (по договор 30 часа неделно) со курс по германски јазик.

Свесна за тешкотиите при признавањето на нејзината диплома, Кротова сака да студира бизнис администрација во Германија, каде, како и над 40% од украинските бегалци според неодамнешното истражување, таа сега планира да остане неколку години.

Истражувачите од тинк-тенкот за миграциска политика „Minor“ велат дека големиот прилив на бегалци од Украина се смета за голема можност во Германија. Сепак, аналитичарот Илдико Палман објаснува дека нивната интеграција на работни места слични на оние што ги имале дома во повеќето случаи не е можна без совладување на локалниот јазик.

И менувањето на работата на подобра подоцна не е лесно.

„Ако веќе работите 40 часа неделно и немате време за јазичен курс, тогаш е многу вообичаено луѓето да се заглават“, коментира аналитичарот на „Minor“, Гизем Венсал.

Додека судбината на бегалците е делумно поврзана со непознатиот тек на војната во Украина, шемата за привремена заштита на ЕУ за украинските бегалци моментално истекува во март 2024-та година.

„Колку се приближуваме до таа точка, толку повеќе треба да имаме стратегија. Доцна е да се размислува за тоа во пролетта следната година“, рече Лорен од ОЕЦД.

Ова ги става работодавците кои сакаат да вработат бегалци во тешка ситуација, бидејќи не знаат дали украинските бегалци ќе можат да останат.

„Потребни ни се брзи и јасни одредби за секој што избегал од Украина од воени причини да може да остане долгорочно“, рече Енцо Вебер, експерт за пазарот на труд во Германскиот институт за истражување на вработување (IAB).

„Ова би отстранила значајна бариера не само за бегалците, туку и за работодавците“, додава Вебер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП