28 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИСтранските компании бегаат од Кина во други азиски земји

Странските компании бегаат од Кина во други азиски земји

Странските компании почнуваат да ги преместуваат своите инвестиции и азиските седишта од Кина во други земји во регионот, бидејќи правните предизвици и ограничувања се зголемуваат, објави „Асошиејтед прес“, цитирајќи го извештајот на Европската стопанска комора во Кина.

Според документот, компаниите се повеќе се загрижени за зголемената контрола на која се подложени, владината заштита на нивните кинески конкуренти и недостатокот на акција за спроведување на ветените реформи. Компаниите страдаат и од забавувањето на кинеската економија и растот на цените.

Деловната доверба во Кина е на „најниско ниво“ откако работиме таму, изјави за новинарите претседателот на комората Јенс Ескелунд.

„Нема очекување за подобрување на регулаторната рамка во следните пет години“, додаде тој.

Кинеската влада се обидува да привлече странски компании, инвестиции и технологија за да ја врати земјата на економски раст откако минатата година се намали на само 3 отсто. Но, компаниите изразија загриженост за безбедносните правила и плановите да создадат глобални конкуренти во секторите за компјутерски чипови, патнички авиони и друга напредна технологија со помош на дарежливи владини субвенции и пазарни бариери за кои ЕУ и САД велат дека ги прекршуваат глобалните трговски договори.

Две третини од 570 компании кои учествуваа во истражувањето на комората посочија дека во последниве години водењето бизнис во Кина стана потешко. Пред пандемијата, тоа го тврдеа помалку од половина од компаниите. Три од пет фирми велат дека деловното опкружување станува „сè политизирано“.

Компаниите се во состојба на готовност откако кинеската полиција изврши рација во канцелариите на две консултантски фирми, „Bain & Co“ и „Capvision“, како и во компанијата за длабинска анализа „Mintz Group“, без да даде никакво објаснување. Надлежните посочија дека од компаниите се бара да го почитуваат законот, но не прецизираа што точно прекршиле.

Странските компании исто така се загрижени дека Пекинг се обложува на својата самодоволност. Владата на Си Џипинг врши притисок врз производителите, болниците и другите локални компании да користат кинески добавувачи, дури и ако тоа ги зголеми цените во крајна линија. Странските компании стравуваат дека тие едноставно може да бидат исфрлени од пазарот.

Во мај, кинеската влада забрани употреба на производи од најголемиот американски производител на чипови „Micron Technology“ во компјутери кои обработуваат чувствителни информации. Надлежните соопштија дека имало безбедносни пропусти, но не соопштуваат детали.

Една од десет компании анкетирани од Европската стопанска комора посочи дека ги преселила своите инвестиции надвор од Кина. Еден од пет изјави дека планира да ги изнесе своите инвестиции. Во воздухопловниот сектор секоја петта компанија не планира идни инвестиции во Кина.

Долги години Кина е претпочитана дестинација за странски инвестиции поради големиот и растечки домашен пазар, но компаниите сѐ повеќе се жалат на пазарните ограничувања и притисокот да ја предадат својата технологија на властите. Владејачката Комунистичка партија ги заостри контролите откако Си Џинпинг дојде на власт во 2012-та година, барајќи од компаниите да им дозволат на партиските претставници да бидат дел од нивните одбори да имаат збор при вработувањето и други одлуки.

Од комората посочуваат дека од Кина не извезуваат само странски компании. Според истражувањето, две од секои пет кинески компании или добавувачи ги иселуваат своите инвестиции надвор од земјата.

Друго такво тело, Британската стопанска комора во Кина, минатиот месец објави дека нејзините членки сакаат „повеќе јасност“ за новите правила за безбедност на податоците, антишпионажа и други слични норми пред да направат нови инвестиции.

Најсериозна загриженост е проширувањето на дефиницијата за национална безбедност за да ги вклучи економијата, храната, енергијата и политиката, вели Ескелунд.

„Што може да се оквалификува како државна тајна? Каде започнува политиката и завршува светот на трговијата? Тоа создава несигурност и не можеме да работиме нормално“, посочува тој.

Според истражувањето на комората, главна дестинација на компаниите да ги преместат своите централи од Кина е Сингапур (43 отсто го претпочитаат градот-држава), а потоа следи Малезија. Само 9 проценти планираат да се префрлат во Хонг Конг.

„Кинеските лидери, вклучително и премиерот Ли Кианг, ветија дека ќе ги подобрат деловните услови, но досега не се забележани конкретни чекори. Нашите членови не се убедени дека во блиска иднина ќе видиме вистински резултати во оваа насока“, заклучува Ескелунд.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП