27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкокна минималниот износ за К-15 – колку пари ќе ни легнат на...

Скокна минималниот износ за К-15 – колку пари ќе ни легнат на сметка до крајот на годината?

Со растот на просечната плата во Македонија, автоматски порасна и минималниот износ за К-15, кој, оваа година ќе изнесува 13.672 денари.

Оваа бројка се добива кога ќе се земат предвид последните просечни месечни плати што ги објавил Државниот завод за статистика и кога од нив ќе се пресмета правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40 проценти.

Крајниот рок за исплата на регресот е 31 декември, а компаниите ќе добијат зелено светло за исплата уште на 1 јули годинава. Единствениот услов за работникот да добие К-15 е да биде најмалку 6 месеци вработен во фирмата и секако, да биде уредно пријавен на определено или на неопределено работно време.

Од ССМ појаснуваат дека просечната нето-плата во Македонија во изминатите 3 месеци изнесувала 34.197 денари, а тоа значи дека 40 проценти од таа сума изнесува 13.672 денари.

Оттаму брифираат дека и покрај високите казни, сепак, голем дел од компаниите секоја година се обидуваат да фатат кривини и изнаоѓаат разни оправдувања за да не им исплатат регрес на работниците.

-Само минатата година евидентиравме над 3.000 жалби за прекршено право на регрес за годишен одмор. Веднаш беа преземени законски активности за секоја жалба посебно, изготвени беа приговори и поднесени беа тужби до суд – велат од ССМ.

Уште една појава за којашто е потребно време да се искорени, коментираат од ССМ, е праксата на работодавачите да бараат од вработените да им ги вратат парите во кеш, а кои претходно им биле префрлени на сметка за К-15.

-Ако газдата на фирмата не сака да исплати К-15 на вработените, тогаш се соочува со казна до 4.000 евра, а за оние работодавачи, пак, кои бараат да им се вратат во кеш исплатените пари за К-15, предвидена е затворска казна од 3 до 12 месеци – објаснуваат од ССМ.

Во продолжение, неколку општи совети кои би можеле да ви се најдат во животот:

Каде да се обратам ако не ми исплатат К-15?

Ако работникот смета дека работодавачот не го обезбедува неговото право на регрес за годишен одмор, тогаш може да поднесе претставка до Државниот инспекторат за труд заради утврдување на евентуални неправилности.

Според Законот за работни односи, работникот може паричните побарувања од работен однос да ги остварува непосредно пред надлежен суд.

Кои фирми се ослободени од исплата на К-15?

Според Општиот колективен договорза приватниот сектор од областа на стопанството, одредбите на колективниот договор кои се однесуваат на регресот за годишен одмор се задолжителни за сите работодавачи во приватниот сектор.

Не постои фирма којашто е ослободена од исплата на регрес за годишен одмор.

Дали и на вработените во државна администрација им следува К-15?

Според Гранскиот колективен договор за органите на државната управа, стручните служби на Владата, судовите, јавните обвинителства, казнено-поправните и воспитно-поправните установи, државното правобранителство, општините и Градот Скопје, агенциите и фондовите и органите кои ги основа Собранието на Република Македонија, вработените кои засновале работен однос во наведените работодавачи имаат право на регрес за годишен одмор под услов да работеле најмалку 6 месеци во календарската година кај работодавачот.

Б.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП