4 мај, 2024
ПочетнаМАКЕДОНИЈАДимитар Ташковски: Како УКИМ да биде современ универзитет од европски ранг?

Димитар Ташковски: Како УКИМ да биде современ универзитет од европски ранг?

Мојата визија: Како треба да се развива УКИМ?

Високото образование е клучен двигател на модерните општества базирани на знаење и иновации. Универзитетите овозможуваат квалитетната наобразба на студентите, врвната научно-истражувачка работа и трансфер на знаења кон стопанството. За жал, кај нас, од различни причини, високото образование не го зазема местото што го заслужува. Повеќе од јасно е дека е краен момент за темелни реформи во областа, при што УКИМ треба да биде предводник на тие реформи.

УКИМ е најстариот, најголемиот и несомнено најдобриот универзитет во земјата. За да може да се справи со предизвиците кои ги носи новото време, УКИМ мора да се трансформира во современ, отворен и истражувачки универзитет подготвен да ја преземе одговорноста што му припаѓа во општеството како стожер на современо високо образование и наука, а со тоа и двигател на економскиот развој на државата.

На што навистина мислам кога велам дека УКИМ мора да биде „современ, отворен и истражувачки универзитет“?

Силата на еден модерен универзитет се неговите студенти, алумни членови, истражувања и иновации. Како носител во создавањето ново знаење и трансфер на технологии кон општеството, УКИМ мора да стане препознатлив по современи студиски програми, современа и модерна инфраструктура, одлични услови за работа, силна соработка помеѓу различните единици и вработени. Потребно е УКИМ да стане отворен за меѓународна соработка и културна размена, а истовремено треба да се поттикнат истражувачките и претприемничките проекти на студентите и професорите. Нашите истражувачки групи треба да бидат најавангардните во областа, а нашата академска заедница да биде приоритетно ангажирана во решавање на најзначајните предизвици на денешницата.

Современоста на УКИМ значи проактивен пристап во следење на европските образовни политики и стандарди за квалитет во високото образование и постојано адаптирање и ажурирање на новите методи во наставата и учењето, како и примена на најсовремени технологии за нејзино спроведување. Современоста наметнува и потреба од зголемување на бројот на програми за студентска мобилност и подобрување на условите за меѓународна размена на студенти и професори со други универзитети. Меѓународната мобилност ќе го зголеми интернационалниот карактер на универзитетот.

Отвореноста на УКИМ значи постојана, слободна и конструктивна соработка помеѓу различните единици и вработени со добронамерно прифаќање на секоја критика. УКИМ мора засилено да ги прифаќа интердисциплинарните студиски програми и научни истражувања кои се наметнати од новото време и од барањата на пазарот на труд. Исто така, мора да создаде атмосфера во која комуникацијата меѓу ректоратот и единиците е непречена, континуирана и двонасочна. Отвореноста подразбира и подадена рака кон општеството, прилагодување на потребите на стопанството, користење на практичните искуства и трансфер на знаења.

Конечно, мораме подобро да го искористиме истражувачкиот капацитет на УКИМ. Ставањето акцент на научностражувачката работа е еден од најдобрите индикатори за квалитетот и посветеноста на една високообразовна институција. Нашиот Универзитет има огромен потенцијал да апсорбира меѓународни истражувачки проекти и да се фокусира на современи истражувања со кои може да се стекне и поголема финансиска независност. За жал, во последната деценија и половина тој работи во исклучително тешки услови, без соодветна поддршка и финансирање од страна на државата. На нашиот најстар и најголем универзитет му е потребна промена со која ќе го вратиме на вистинскиот колосек и ќе успееме да создадеме стабилна образовна институција која ќе ја обликува иднината на оваа земја.

Во моите два мандати како декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) имав можност одблизу да се запознаам со проблемите и недостатоците на македонското образование, но и да го слушнам гласот на студентите и да ги дознаам малку подобро и нивните барања и очекувања.

Клучен приоритет во мојата програма како кандидат за ректор на УКИМ е подигнување на квалитетот и релевантноста на студиските програми. Нашите студенти мораат да имаат повисоко ниво на практични знаења и повисоко ниво на подготвеност за пазарот на труд по дипломирањето. За негова реализација неопходна е силна врска меѓу УКИМ, индустријата и јавниот сектор, преку која и би го вовеле концептот на т.н. Challenge-Driven University (CDU) во кој студентите работат на релевантни и практични проблеми. Особено важно е студентите да развијат претприемничка култура додека се на универзитетот, што може да се постигне преку имплементација на програми за обука и менторство на студентите, со цел тие да креираат свои бизниси. Со овој пристап, УКИМ треба повторно да биде број 1 избор на младите луѓе во земјата.

Покрај квалитетот на студиските програми, неопходна е трансформација на УКИМ кон истражувачки универзитет. Она што го издвојува високото образование и академскиот кадар е највисокото ниво на експертиза која се постигнува само со активно учество во истражувања. За таа цел, неопходно е формирање силни истражувачки групи (интердисциплинарни), зголемено учество во меѓународни проекти, зголемена мобилност на кадарот, повисок квалитет на објавени научни трудови, вложување во модерни лабораториски ресурси и ефикасна административна поддршка на проектните активности. Како држава мораме да се стремиме да ги постигнеме европските норми за вложување во наука и развој од 2.3% од БДП. Но, во услови на моментално незначителното финансирање на наука и развој од државата, единствен излез се меѓународните активности и формирањето на сопствен Фонд за наука на УКИМ. Дополнителни финансиски ресурси може да се обезбедат со зајакната соработка со приватниот и јавниот сектор. Така би имале одржлив начин на унапредување на условите и имплементација на основните дејности на УКИМ. Конечно, неопходно е постојано вложување во современа инфраструктура за работа, современ простор за настава, современи лаборатории за научни истражувања како и поддршка на процесот на доживотно учење.

УКИМ може и треба повеќе да работи на трансфер на знаења и иновации кон стопанството. Потребна ни е јасна Стратегија за управување со интелектуална сопственост на универзитетот кој ќе стимулира размена на знаења меѓу академијата и општеството. Академската експертиза на кадарот на УКИМ може да придонесе кон развој на производи со додадена вредност што генерално треба да води кон зголемен економски раст.

Кој и да ја преземе функцијата по актуелниот ректор, ќе има сериозен и тежок предизвик пред себе – да го врати статусот на УКИМ како институција во која јавноста има доверба. Моите години поминати на ФЕИТ сведочат за посветеноста кон унапредувањето на образованието и обезбедувањето нови можности на нашите студенти, а со истата мотивација пристапувам и кон мојата кандидатура за ректор на нашиот најстар и најголем универзитет. Нема подобро време од сегашноста за акција. Затоа, треба конечно да преземеме конкретни чекори за да не дозволиме образованието на идните генерации да биде последно на листата на приоритети во земјата.

Професор Димитар Ташковски

Редакцијата на ДЕНАР.МК не секогаш се согласува со ставовите искажани во текстовите од нашите соработници и истите не ги претставуваат ставовите на ДЕНАР.МК

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП