20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗемјите од ЕУ мора да работат на намалување на нивната зависност од...

Земјите од ЕУ мора да работат на намалување на нивната зависност од фондовите на ЕУ

Соочен со предизвиците на нестабилен свет, нагонот на Емануел Макрон за европска „стратешка автономија“ одекнува низ ЕУ. Но, автономијата е можна само ако унијата е внатрешно силна. Европскиот раст е анемичен, внатрешниот пазар сè уште е фрагментиран, а источните и јужните земји се премногу зависни од финансиската помош од нивните побогати северни соседи.

Ова се слаби основи врз кои може да се изгради стратешка автономија, пишува за „Financial Times“, Миријам Гонзалес Дурантес, адвокатка за меѓународна трговија и поранешен функционер на ЕУ.

Фондовите на ЕУ играат важна улога – тие се начин да се осигура дека земјите нема да останат зад себе и се средство за консолидирање на економската моќ на унијата. Тие им помогнаа на земјите како Ирска да направат економско чудо. Но, во случајот со јужните земји (како Шпанија, од каде што сум, појаснува Дурантес), ефектите од средствата не се долготрајни.

Овие земји доживеаја периоди на економски раст – но штом се појавија тешкотии, тие се вратија во зависност од дарежливоста на другите, како што се случи по финансиската криза во 2008-ма година, а исто така и на почетокот на пандемијата. И покрај редовните финансиски инјекции, италијанскиот БДП по глава на жител е сличен на оној на најсиромашната американска држава Мисисипи, Шпанија, Португалија и Грција се далеку под него.

Се чини дека јужните политичари се откажаа од тоа да ги направат своите земји независни. Поранешниот претседател на Еврогрупата Јерун Дијселблум неодамна истакна дека во дискусијата за европските фондови секогаш се пропушта еден чекор – од каде ќе дојдат парите?

„Во земји како мојата, тоа не се однесува само на европската помош, туку и на јавната потрошувачка воопшто“, истакнува Дурантес. Потпирањето од фондовите на ЕУ е толку рутинско што шпанската влада се пофали со својот „економски рецепт“. Рецептот е едноставен: инјекција на европски фондови за 37 милијарди евра и уште многу милијарди што следуваат.

Овие средства го немаа посакуваниот ефект во јужна Европа, бидејќи често беа лошо трошени. ЕУ се фокусира на структурните економски реформи, но ја пропушта потребата за придружни реформи во управувањето. Политичкиот клиентелизам во земји како што е Шпанија продолжува да влијае на трошењето. А бирократската планина значи дека се троши премногу труд за апсорпција на средствата наместо да се разбере дали добро се трошат.

Многу северноевропејци се фрустрирани од фискалните обврски на нивните влади на југ. Но и ние на југ сме разочарани. Работите се подобри отколку во минатото, но гледаме со вознемиреност како сè уште понекогаш се трошат средства без надзор од ЕУ. Во мојот мал роден град во руралниот Ваљадолид, кој доби 2,2 милиони евра средства, локалниот совет, меѓу другите проекти, финансираше и фестивал на цвеќе и фестивал на светлината, пишува авторот. На Канарските острови, 1,3 милиони евра се користат за изградба на спортски објект за женскиот фудбалски тим – одлична социјална цел, но не мора да значи економски трансформативна.

Единствениот начин да се осигура дека средствата одат на вистински трансформативни проекти е да се обезбеди транспарентност во реално време за локалното население да може да врши поголема контрола. Во моментов, информациите се толку расфрлани и сложени што специјализирана тинк-тенк мораше да користи паметни технолошки ботови за да ги сними.

Зошто, во нашата дигитална ера, Европската комисија не инсистира земјите-членки да создадат отворени портали со точни информации за крајните корисници на средствата? И зошто Комисијата не бара од земјите-членки да ги документираат онлајн тековните резултати од нивните проекти во реално време?

Стратешката автономија ќе остане сон доколку Европа не постигне одржлив економски раст. Ваквиот раст бара отстранување на многуте бариери кои сè уште постојат на внатрешниот пазар. Но, исто така, бара од сите приматели на европска помош да се движат кон поголема фискална самодоверба. Добивањето средства од ЕУ треба да биде признание на неопходноста, а не точка на гордост.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП