26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо Македонија лани се продавале најскапи горива!

Во Македонија лани се продавале најскапи горива!

Податоците кои ги објави Европската статистика Евростат покажуваат дека Македонија е една од трите држави во регионот каде лани најмногу пораснале цените на дериватите.

Официјалните податоци велат дека во текот на 2022 година цените на горивата во Европската унија во однос на 2021 година се зголемени за 24 отсто. Во Македонија пак цените на горивата за истиот период биле зголемени за 31 отсто.

Податоците на Евростат велат дека во Албанија цените на годишно ниво се зголемени за 30, Косово за 32, во Србија за 20 отсто, Хрватска 22 отсто, Германија 26 отсто, Словенија 26 отсто, Црна Гора 24.

Експертите се во дилема зошто во овој регион толку се зголемија цените на горивата? Првите неколку прашање кои јавно ги поставуваат експертите се дали и колку методологијата на пресметка на цената на нафтените деривати е погрешна или има свои аномалии? Колку таа пресметка влијае врз трошоците на работење на бизнисот? Зошто на дневна основа правиме корекција на цена на деривати, а како држава не купуваме деривати на дневна основа.

Раст на цена на горива 2022/2021

Македонија 31%
Косово 32%
Албанија 30%
Србија 20%
Црна Гора 24%
Хрватска 22%
Словенија 26%
Германија 26%
ЕУ 24%

Универзитетската професорка Даниела Бојаџиева смета дека во Македонија нешто не е во ред со растот на цените на дериватите.

„Доколку се анализира структурата на цената на нафтените деривати, имаме дизел гориво, безоловен бензин и течен нафтен гас. Ако е направена анализата на структурата на течен нафтен гас во и однос на цени на бензини и на дизел ние повторно имаме највисок сооднос на ниво на Европа. А од друга стана треба и да се погледнат структурите на комапниите кои се влезени во овој бизнис. Во самата реклама на една компанија од овој сектор се кажува дека цената на течниот нафтен гас е пониска за 50 отсто од цената на бензинот ама во реалноста не е така. Сите овие аспекти прават притисок врз трошоците за работа на компаниите и тука доаѓа до прелевање на другата страна и затоа е неизбежно во земјава да има високи цени“, вели професорката Даниела Бојаџиева.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека сите одлуки кои ги носат се во интерес на граѓаните. Регулаторот уверува дека со цел да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации и да се обезбеди сигурност и стабилност на пазарот со нафтените деривати лани донесен е нов Правилник за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт. Тој Правилник овозможува РКЕ да носи одлуки доколку берзанските цени имаат значителни промени.

„Во изминатата година, принципот на т.н наречено „дневно реагирање“ односно носење на соодветна одлука секој пат кога ќе се исполнат условите, се покажа како соодветен механизам кој ги штити граѓаните во услови на драматични поместувања на берзата диктирани од геополитичките случувања. Со помош на навременото реагирање се испраќа правовремен сигнал за потрошувачите да можат соодветно да ја димензионираат набавката на дериватите. РКЕ во изминатата година носи одлука за намалување, односно зголемување на цените секој пат доколку има промена на берзанските цени на нафтените деривати и/или има промена на курсот на УСД доларот во однос на денарот кое што ќе предизвика намалување или зголемување поголемо или еднакво на 2,00 денари/литар за моторни бензини, дизел гориво, односно 1,00 денар/килограм за мазут во однос на последната одлука. Со Методологијата, која е составен дел на Правилникот, се отсликува реалната состојба на пазарот со нафта и нафтени деривати во Република Северна Македонија, односно начинот на функционирањето на пазарот на набавка и продажба на нафтените производи во нашата земја од страна на трговците на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт”, велат за Денар од РКЕ.

Регулаторот уверува дека методологијата по која се пресметуваат цените е речиси идентична кај сите земји кои се зависно увозни од сурова нафта, а принципите кои се применуваат се дефинирани согласно пазарните услови (понуда-побарувачка) кои ги дефинираат светските производители на нафта и нафтени деривати.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП