19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКој е Грег Бекер: Директорот на SVB ги продал своите акции две...

Кој е Грег Бекер: Директорот на SVB ги продал своите акции две недели пред банкротот на банката и извлекол 3,6 милиони долари

Silicon Valley Bank банкротираше минатиот петок, само 24 часа откако нејзиниот извршен директор лично им кажа на клиентите дека нивните пари се безбедни во банката. Откако банката била ликвидирана, првиот човек на финансиската институција, Грег Бекер, испратил видео порака до вработените во која признал дека „неверојатно тешките“ 48 часа довеле до колапс на банката.

Бекер уште во јануари испрати оптимистички пораки до инвеститорите и клиентите, посочувајќи дека економските изгледи се подобруваат по полошата 2022 година. Сега, според медиумите, излегува дека и тогаш можел да го почувствува колапсот. Додека им порачувал на другите да останат мирни, ќе се испостави дека си се осигурал себеси. Случајно или намерно, тој на крајот на јануари доставил план со кој овозможил да ги продаде своите акции во SVB. Според Блумберг, тоа го направил две недели пред банкротот кога ги продал своите 12.451 акции во компанијата за 3,6 милиони долари.

Планот за продажба на акциите, како што пренесува Ројтерс, го доставил со неколку негови колеги, кои имале и директорски места. Незадоволните службеници, освен што се лути заради таков капетан на брод што тоне, сметаат дека тој е одговорен за целосниот колапс. Поранешните вработени во банката сметаат дека шефовите придонеле за пропаѓање на банката, бидејќи јавно објавиле дека банката е во неволја, која ќе се обидат да ја санираат со привлекување нови инвестиции – што предизвика цунами од повлекување на пари и ја закопа банката.

И на секторска конференција минатата недела, три дена пред колапсот, Бекер тврдеше дека е „одлично време за започнување бизнис“ и додаде дека нешто возбудливо се случува во секоја од технолошките категории.

Кој е Грег Бекер?

Како што пишува Ројтерс, првиот човек на пропаднатата Silicon Valley Bank, Грег Бекер, работел во оваа компанија три децении, а кариерата ја започнал како службеник за заеми. Бекер, кој дојде од родната Индијана преку Детроит во Калифорнија и успеа во корпоративната скала, блескајќи во тешката 2008 година. Во екот на финансиската криза тој стана директор на банката, а три години подоцна и извршен директор.

Веб-страницата на Silicon Valley Bank вели дека Бекер има диплома по економија на Универзитетот во Индијана. Оттаму, тој работеше во банка која ги опслужуваше, како што рече, „традиционалните компании“. Во подкаст на Блумберг во 2021 година, тој изјави дека со неговиот менаџер се преселил да работи Silicon Valley Bank.

Пред да стане претседател и извршен директор на SVB Financial Group, Бекер бил ко-основач на SVB Capital, инвестицискиот огранок на компанијата. Тој, исто така, претседаваше со групата лидери на Силиконската долина од 2014 до 2017 година и беше член на Советодавниот одбор за дигитална економија на Министерството за трговија на САД од 2016 до 2017 година.

Веб-страницата на Silicon Valley Bank, исто така, вели дека Бекер е „шампион во иновациската економија.“ Во видеото за Би-Би-Си во декември, тој рече дека неговиот најдобар совет за кариера бил оние што бараат работа да изградат вештини околу иновациската економија во области како што е компјутерското програмирање и управување со проекти.

Како што пренесува „Јутарњи лист“, додека банката сè уште работеше добро, во 2015 година, Бекер сесрдно лобирал регулативата да биде попустлива за помалите банки како неговата. Таа година, тој му објаснил на Сенатот дека SVB, со оглед на неговиот бизнис модел и профил на ризик, не претставува системски ризик и дека банката не треба да подлежи на одредбите од Законот за реформи и заштита на потрошувачите на Волстрит од 2008 година, попознат по името Dodd-Frank. Своето мислење го оправда со тоа што тие регулативи претерано ја оптоварувале банката и дека се наменети за големите банки и истакна дека тие во SVB се многу внимателни за секој ризик.

Покрај обвинувањата против Бекер, на социјалните мрежи може да се забележат и исмејувачки коментари против Џозеф Џентил, главниот административен менаџер на банката, кој веќе имал слично искуство со колапс на друг финансиски систем. Пред SVB, Џентил служел како главен финансиски директор на Lehman Brothers, која неславно банкротираше во 2008 година.

Ројтерс во профилот на тројцата лидери на банката, меѓу кои Бекер бил првиот и најплатен, пишува дека во текот на кариерата бил подготвен да се коцка и да ризикува. А потоа дојде инфлацијата и Федералните резерви на САД (ФЕД) ги притиснаа сопирачките. Евтините пари престанаа да доаѓаат, а централната банка ги зголеми каматните стапки. Климата се промени, а останатото е историја.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП