2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали светот ќе успее да ја искорени екстремната сиромаштија?

Дали светот ќе успее да ја искорени екстремната сиромаштија?

Глобалната екстремна сиромаштија би можела да биде искоренета до 2050-та година благодарение на економскиот раст во земјите со ниски приходи, се вели во новата економска прогноза.

Иако пандемијата сериозно го уназади напредокот во овој поглед и се очекува да се појават дополнителни предизвици во наредните години, тие може да имаат многу ограничено влијание врз целокупната траекторија на економски раст, се вели во извештајот на Центарот за глобален развој (CGD), цитиран од „The Guardian“.

„Знаеме дека светот ќе изгледа многу поинаку во 2050-та година, а климатските промени се огромна грижа за иднината“, рече Чарлс Кени, виш соработник во „CGD“ и еден од авторите на извештајот.

„Но, не можеме да дозволиме ова да го засени фактот дека континуираниот економски раст не треба да остави речиси никого во очајната сиромаштија што беше судбина на мнозинството човештво во поголемиот дел од историјата, дури и децении откако можеше да биде искоренета“, додава тој.

Кени вели дека нееднаквоста најверојатно ќе продолжи и сиромаштијата сè уште ќе постои кон крајот на периодот на студијата, но повисокиот раст треба да значи дека повеќето луѓе имаат стабилно вработување и приходи наместо да се потпираат на неформални работни односи или земјоделство за егзистенција. Тој додава дека до 2050-та година ниту една земја нема да биде класифицирана како земја со ниски приходи. До денес, земјите со бруто национален приход по глава на жител од 1.085 долари или помалку се дефинирани како такви.

Кени, кој е автор на книгата „Getting Better: Why Global Development Succees“, изјави за публикацијата дека тој и Зак Гин, кој работел со него на новата студија, користеле историски податоци за приходите, демографските промени, образованието и температурата за да го предвидат патот на идната светска економија.

Екстремната сиромаштија, живее со помалку од 2,15 долари на ден, се предвидува да падне под 2% на глобално ниво до 2050-та година од околу 8% во 2022-ра година. Во Африка, каде што е највисока, падот се очекува да биде од 29% на 7%.

Повеќе од 2/3 од луѓето во светот ќе живеат со повеќе од 10 долари на ден до 2050-та година, во споредба со околу 42% денес.

Авторите предвидуваат многу побавен раст во земјите со високи приходи во следните две децении, при што БДП-то по глава на жител ќе порасне за само околу 20% од 2019-та година, додека во земјите со низок и среден приход ќе се удвои.

Ратин Рој, управен директор на тинк-тенк за глобални прашања „ODI“, пак, објасни дека предвидувањата на Кени се можни, но „ако сите ги направат вистинските работи“.

„Нешто што е забележано во последните 100 години е дека луѓето не ги прават вистинските работи. Поголемиот дел од мојот живот како возрасен, глобалната сиромаштија се намалуваше се додека пред три години почна да се зголемува поради различни фактори, пандемијата беше важна, но не е единствената. И излезе дека е многу е тешко повторно да се вратиме на надолниот тренд“, рече тој за „The Guardian“.

Тој рече дека е важно земјите да се грижат за своите граѓани со минимални финансиски средства, а фактот дека сиромаштијата сè уште опстојува во земји како што се Велика Британија и САД, покажува дека ќе биде потребен повеќе од економски раст.

Еден од факторите што може да ја наруши оваа прогноза е токму слабиот раст и стареењето на населението во богатите земји, што може да доведе до усвојување на изолационистичка и авторитарна политика како одговор на рецесиите.

„Ако ги погледнете демографските трендови, сè изгледа навистина прилично позитивно за земјите со низок и среден приход воопшто. Затоа, јас сум поголем оптимист за нив, со предупредување дека сè зависи и од активностите на богатите земји, и со предупредување за едноставни непознати“, изјавија за публикацијата и авторите на извештајот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП