Овогодинешната Минхенска безбедносна конференција се одвива под превезот на војната во Украина, која се наметна како централна тема. За разлика од 2007 година, кога рускиот претседател Владимир Путин одржа познат говор на овој настан, оваа година нема место за рускиот лидер, бидејќи според претседавачот на конференцијата Кристоф Хојсген, Путин „раскинал со цивилизацијата“. Аналитичарите оценуваат дека ова е многу важен собир на кој се присутни високи делегации и дека показниот дел од конференцијата кажува каде оди светот.
Конфликтите на истокот на Стариот континент се оценети како безбедносна закана не само за Европа, туку и за целиот свет.
„Нападот врз Украина не е чисто европски конфликт и не е чисто европско прашање. Тој оди многу подалеку од тоа, како и амбициите на Русија, без разлика дали станува збор за Блискиот Исток, другите региони во Источна Европа, Африка, но исто така и Индо-пацификот“, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
Покрај поддршката за Украина, на отворањето на конференцијата се слушнаа пораки дека трансатлантската заедница и глобалниот југ се неопходни за заштита на меѓународниот поредок. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој испрати голема делегација на југот на Германија, доби громогласен аплауз.
„Тој, рускиот Голијат, дефинитивно ќе падне оваа година. Можеме да го направиме тоа заедно, како што направи Давид. Мораме да се убедиме меѓусебно дека нема алтернатива за нашата победа, исто како што нема алтернатива за решителноста на сите нас, на Днепар, на Темза, на Потомак, на Висла и Тибар, на Дунав и на Јордан, насекаде во секој дел од светот каде што слободата се цени повеќе од тиранијата“, рече Володимир Зеленски.
Освен Зеленски, говореа и лидерите на водечките земји на Европската унија, Олаф Шолц и Емануел Макрон. Проценката на Шолц за времетраењето на војната беше песимистичка.
„Мислам дека би било паметно да се подготвиме за долга војна и да му испратиме порака на Путин дека сме подготвени да застанеме покрај Украина и дека ќе продолжиме со континуирана поддршка. Мислам дека не е добро да се разговара на оваа конференција и подиумот кога точно и во кој месец да ја завршиме оваа војна. Важната одлука што треба да ја донесеме заедно е да продолжиме да и помагаме на Украина онолку колку што е потребно и да го направиме тоа најдобро што можеме“, рече Олаф Шолц.
Францускиот претседател препозна империјалистичка шема во руската политика кон Украина. „Она што го гледаме е нов империјалистички став изразен во агресија врз соседот, кој не ја почитува нивната територија. Таму нема никакви права. Претпоставката е дека со овој чин светот го легитимира новиот колонијализам“, рече Емануел Макрон.
Иако Хојсген ги спомна земјите како Сирија, Авганистан, Мјанмар и Хаити во своето воведно обраќање, постои секоја можност за време на конференцијата рефлекторите на политичките, дипломатските и воените корови да бидат насочени кон географската област од Лавов до Луганск.
„Војната во Украина го направи состанокот особено важен“
Годинава внимание привлекоа и зборовите на политичкиот аналитичар Јан Бремер. Тој рече: „Украина може да ја изгуби оваа војна, тоа е факт, но во исто време сакам да бидам јасен кога велам дека Русија не смее да победи. Кога го велам тоа, не мислам филозофски, но Русија навистина не смее победи“, изјави тој.
Како што додаде, позицијата на Русија во меѓународната заедница ќе биде драстично полоша отколку пред инвазијата на Украина, без разлика како ќе се одвива војната.
„НАТО ќе се прошири, илјадници и илјадници војници ќе бидат распоредени на границите со Русија. Што и да остане територијално од Украина, таа ќе стане дел од ЕУ и ќе имаме значително поголеми воени капацитети против Русија, нашиот очигледно вечен непријател од сега па натаму“, рече Бремер на конференцијата.