13 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНово ажурирање на невработените лица

Ново ажурирање на невработените лица

ccc

Министерството за труд и социјална политика преку Агенцијата за вработување во наредните три месеци ќе врши ново анкетирање и ажурирање на лицата кои се се изјаснуваат како невработени.

Невработените и овојпат ќе имаат можност да се изјаснат како активни или пасивни, односно лица кои бараат работа и посредување на Агенцијата при вработување и учество во активните мерки за вработување, или пасивни кои не бараат нејзино посредништво, ниту учество активни мерки за вработување. Пасивните нема да ги губат правата од областа на социјалната и здравствената заштита и ќе можат да се пријавуваат за обуките за стекнување вештини.

Неодамна беше спроведено анкетирање, во кое од вкупно 215 илјади невработени, само 92.100 лица се изјасниле дека активно бараат работа, а околу 123 илјади како пасивно невработени лица.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов истакна дека второто анкетирање се прави за да се исправат некои неправилности од првото, но и со цел подетално да им се објаснат на граѓаните условите доколку се впишат како активни или пасивни.

– Нашите очекувања се до крајот на годината да имаме конкретни податоци за тоа колку реално невработени лица бараат вработување и посредување при вработување. Но, и зошто во услови на голема невработеност да се случува приватниот сектор тешко да доаѓа до профилот на работници кој му е потребен, рече Спасов.

Додаде дека евиденцијата која ќе се добие ќе биде искористена во насока на спроведување на натамошни конкретни мерки и проекти преку кои директно на новие невработени кои бараат работа ќе им се даде поддршка.

– Сето ова со цел со еден нов систем на посредување и нудење на слободни работни места, навремено и моментално информирање за сите отворени работни места, но и поддршка за остручување и подобрување на нивните вештини и директни мерки за вработување, додаде министерот за труд и социјална политика.

Како причини за тоа што само помалку од половина од невработените се изјасниле како активи министерот Спасов ги посочи неинформираноста, несоодветното објаснување од вработените во подрачните служби на Агенцијата за вработување кои им помагале да го пополнуваат образецот, но секако, како што рече, и во сивата економија, односно во фактот што многу од невработените веќе работат на црно.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски истакна дека податоците кои ги собрале во првото ажурирање биле нецелосни или неточни, особено во делот на живеалиштето и телефон кој би можел да биде контакт за посредување при работа.

Додаде дека сега на невработените ќе им се даваат анкетните листови кои ги пополнувале да ги корегираат податоците ако има неправилности и повторно да им се објаснат условите за да се изјаснат како активни или пасивни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП