Германија и натаму е една од најпосакуваните земји за работа и живот за македонските граѓани, но трошоците за секојдневието стануваат сè поголеми. Поскапуваат горивата, храната, услугите и одржувањето на автомобилите, а новите статистички податоци покажуваат дека за една година цените во Германија во просек пораснале за 3,3 отсто. Најголемиот удар е кај енергенсите, каде што поскапувањето достигнува речиси 15 отсто, додека горивата за автомобилите се поскапи за повеќе од една третина.
Според официјалните податоци на германската статистичка служба, инфлацијата во септември годинава достигнала 3,3 отсто во споредба со истиот месец лани. Во август изнесувала 2,9 отсто, а во јули 2,8 отсто. Тоа е највисоката стапка на инфлација регистрирана во Германија од декември 2023 година.
Најголемо поскапување е забележано кај енергенсите, чии цени се зголемиле за 14,9 отсто на годишно ниво. Особено голема разлика има кај горивата. Бензинот и дизелот во просек поскапеле за 37,1 отсто, додека мазутот за греење е поскап за дури 74,9 отсто.
Тоа значи дека возач кој лани трошел 100 евра за одредено количество гориво, годинава за истото количество, според просечното поскапување, би платил околу 137 евра.
Сепак, не поскапело баш сè. Електричната енергија поевтинила за 5,5 отсто, природниот гас за 2,8 отсто, а централното греење за еден отсто.
Различна е состојбата и во германските супермаркети. Храната во просек поскапела за само 0,4 отсто, но тоа не значи дека сите производи ги задржале старите цени.
Јајцата се поскапи за 15,2 отсто, свежиот зеленчук за 12 отсто, а рибата и морските производи за 4,5 отсто. Од друга страна, путерот поевтинил за 29,5 отсто, млечните производи за 5,5 отсто, а свежото овошје за 4,9 отсто.
Разликите се големи од производ до производ. Токму затоа, економистите при анализирањето на инфлацијата прават разлика меѓу просечниот раст на цените и поскапувањето на производите што секое семејство редовно ги купува.
За Македонците што живеат и работат во Германија, покрај храната и горивата, значаен дел од домашниот буџет оди и за кирија, комунални услуги и одржување на автомобилите.
Според германската статистика, кириите без трошоците за греење се зголемиле за 1,9 отсто на годишно ниво. Сервисирањето и поправките на автомобилите поскапеле за 4,7 отсто, додека фризерските и другите услуги за лична нега се поскапи за 4,3 отсто.
Услугите во рестораните и сместувачките капацитети во просек поскапеле за 3,1 отсто, а туристичките пакет-аранжмани за 3,8 отсто.
Поскапувањето не ги заобиколило ниту другите производи. Компјутерската опрема е поскапа за 9,2 отсто, тутунските производи за 5,6 отсто, додека апаратите за домаќинство поевтиниле за 2,5 отсто.
Економските показатели покажуваат дека растот на цените во Германија повторно забрзува, пред сè поради енергенсите. Дополнителен показател се производствените цени, кои во септември биле повисоки за 6,7 отсто во споредба со истиот месец минатата година. Станува збор за најголем годишен раст на овие цени од март 2023 година.
Економистите посочуваат дека повисоките производствени трошоци можат постепено да се прелеат и врз крајните потрошувачки цени, иако тоа не се случува подеднакво кај сите производи.
Засега, податоците покажуваат дека најсилно поскапување чувствуваат домаќинствата што зависат од автомобилски превоз и од нафтени деривати за греење.
За македонските семејства што живеат во Германија, месечните трошоци зависат од градот, висината на киријата, начинот на превоз и бројот на членови во домаќинството.
Б.З.М.