Темата членство во Евролпската унија не само што е секојдневна туку многу често сме оптоварени со секакви анализи и споредби со состојби кои ги имаме ние како државјани на Македонија и со условите и трендовите кои ги имаат граѓаните на државите од развиените држави. Клучното прашање кое се поставува се почесто е – каде сме ние на патот кон Европската унија? И што доколку утре влеземе, дали ќе бидеме еднакви со благосостојбата што ја уживаат европјаните или ќе бидеме последното дупче од свиралото.
Невладината ЗМАИ со помош на информации од државите членки подготви анализа за тоа колку сме далеку од европските вредности, од квалитетот на живот што го имаат граѓаните на европските држави.
Податоците велат дека членството во ЕУ значително би го забрзало економското приближување. Во анализата се разгледуваат четири сценарија за европска интеграција.
Според моделските проценки за БДП по жител, при продолжување на досегашните трендови се потребни повеќе од 100 години за достигнување на просекот на ЕУ. Полноправното членство би го намалило тој период на околу 50 години, одделниот пристап до европскиот буџет на 84, а одделниот пристап до единствениот пазар на 85 години.
Станува збор за условни моделирани сценарија, а не за гарантирани рокови. Наодите укажуваат на потреба од домашни реформи, ефективно користење на европските средства и посилна интеграција.
„Реформите не ги правиме за Брисел, туку за граѓаните „Не смееме европската интеграција да ја мериме само со усвоени закони, ниту економскиот успех само со повисоки плати. Реформите не ги правиме за Брисел, туку за граѓаните. За европски стандард ни требаат поголема продуктивност, јавни услуги што функционираат и институции што испорачуваат резултати. Домашната одговорност е наша, а од ЕУ очекуваме кредибилна перспектива за членство и конкретни придобивки од интеграцијата уште пред зачленувањето“, изјави Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ и автор на националниот извештај.
Податоците од извештајот велат дека Македонија достигнува 64% од просечното ниво на благосостојба во ЕУ. Доколку се задржи просечното темпо на приближување од последните пет години, ќе бидат потребни уште 52 години за да се достигне европскиот просек. Ова се клучните наоди од Годишниот извештај за конвергенција 2026.
Во текот на ланската година, вкупниот показател е намален за 0,1 процентен поен во однос на ЕУ. Тоа што треба да се напомене е дека од осумте области, четири се подобриле, а четири се влошиле. Податоците велат дека најблиску до европскиот просек се здравството со 80,3%, потоа следува дигитализацијата со 77,3% и институционалното управување со 72%. Најголемото заостанување е во инфраструктурата 43,4%, животната средина со 54,2% и економијата 55,9%.
Економските показатели откриваат важна нерамнотежа: просечната бруто-плата, според куповната моќ, е на околу 64% од европскиот просек, додека продуктивноста по работник е на 54% и во последната година практично стагнира.
Користењето електронски јавни услуги е на само 36% од нивото на ЕУ, иако ИКТ-секторот има значителен потенцијал. Во здравството граѓаните плаќаат директно од свој џеб 39,6% од вкупните здравствени расходи.
Како охрабрувачки пораки кои пристигнуваат од Европската унија се тоа што економското приближување мора да оди рака под рака. Според унијата земјава постигна значителен напредок, вклучително и во областа на дигитализацијата и развојот на приватниот сектор, при што досега се исплатени над 140 милиони евра за спроведените реформи во рамки на Реформската агенда.
Но, приближувањето кон европскиот стандард не се сведува само на бројки и извештаи. Потребни се подобри работни места, посилни институции и повисок квалитет на живот за граѓаните. За да се постигне ова, неопходни се континуирани реформи, политичка посветеност и конкретни резултати што граѓаните ќе можат да ги видат и почувствуваат. Приближувањето на животниот стандард и квалитетот на животот е важен аспект на членството во ЕУ и една од главните придобивки од Унијата.
И.П