МАКЕДОНИЈА

Калифорнија ќе одлучува за воведување на првиот „данок за милијардери“ во светот

Гласачите во Калифорнија треба да одлучат дали ќе го воведат првиот „данок за милијардери“ во светот – еднократен данок од 5% на нето-богатството на сите милијардери во оваа сојузна држава, објави „BBC“. Предлогот 40 (Proposition 40) има за цел да собере 100 милијарди долари за да ги надомести федералните кратења во финансирањето на здравството.

„Верувам дека ова е првиот данок на богатство што го таргетира самиот врв на распределбата на богатството“, коментира Франческо Треби, професор по јавна политика на Универзитетот во Калифорнија.

Во оваа сојузна држава живеат нешто повеќе од 200 милијардери, меѓу кои се медиумската ѕвезда Опра Винфри, првиот човек на „Meta“, Марк Цукерберг, коосновачката на „Skims“, Ким Кардашијан, и филмскиот продуцент Џорџ Лукас. Калифорнија ја има најголемата економија во САД и е дом на една од најголемите заедници на милијардери во светот, но истовремено има и најголем број бездомници во земјата.

Сузан Хименез, од синдикатот „Service Employees International Union-United Healthcare Workers West“, ја опиша оваа мерка како „краткорочно решение“ за проблемот со масовните федерални кратења, кои произлегуваат од законодавството за даноци и јавна потрошувачка донесено за време на претседателот Доналд Трамп.

„Ако не преземеме ништо, ќе бидеме сведоци на колапс на нашиот здравствен систем“, изјави таа за BBC.

Иако мерката има поддршка од неколку влијателни личности – вклучително и извршниот директор на „Nvidia“, Џенсен Хуанг – таа наидува на силно противење. Како што пренесува „Los Angeles Times“, коосновачот на „Google“, Сергеј Брин, донирал над 100 милиони долари на непрофитна политичка организација која би можела да го спречи воведувањето на овој данок. Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, исто така е меѓу противниците на мерката, изразувајќи загриженост дека таа би можела да ги натера богатите да ја напуштат државата. Анкета спроведена во септември покажа дека 45% од веројатните гласачи го поддржуваат данокот, 42% се против него, а 13% се неодлучни. Доколку биде усвоена на 3-ти ноември, мерката ќе се применува ретроактивно и ќе опфати поединци со нето-богатство од најмалку 1 милијарда долари, кои биле жители на Калифорнија заклучно со 1-ви јануари 2026-та година. Според извештаите, најмалку шестмина милијардери веќе ја напуштиле сојузната држава пред овој краен рок. Меѓу нив се коосновачите на „Google“, Лери Пејџ и Сергеј Брин, инвеститорот во ризичен капитал Питер Тил, поранешниот извршен директор на „Uber“, Тревис Каланик, како и Дон Хенки, основачот на „Hankey Group“.

Марк Цукерберг, исто така, размислува да го пресели своето главно место на живеење надвор од Калифорнија. Компанијата „Meta“ се согласи на нов аранжман со акции, со кој тој добива дополнителни акции, наменети да ги надоместат милијардите долари што би можел да ги изгуби доколку мерката биде усвоена. Според проценките, износот што тој би можел да треба да го плати достигнува 12,5 милијарди долари.

Даноците на богатство некогаш биле широко распространети во Европа, но денес се применуваат само во Шпанија, Норвешка и Швајцарија.

„Тие создаваат повеќе проблеми отколку придобивки“, коментира д-р Кристијан Нимиц од Институтот за економски прашања.

Во Норвешка, зголемувањето на даноците доведе до тоа во 2022-ра година земјата да ја напуштат повеќе ултрабогати поединци отколку во претходните 13 години заедно.

Сепак, Хуанг од „Nvidia“ изрази поддршка за мерката.

„Немам ништо против плаќањето даноци. Колку повеќе заработувате, толку повеќе даноци плаќате. Се согласувам со тоа“, изјави тој.

Сенаторот Берни Сандерс, исто така, го поддржа предлогот. На еден собир во Лос Анџелес, тој истакна дека милијардерите „веруваат, исто како монарсите од 19 век, дека имаат божествено право да владеат“.

Според едно истражување, 72% од жителите на Калифорнија сметаат дека јазот меѓу богатите и сиромашните се зголемува. Во меѓувреме, најбогатиот 1% од американските домаќинства поседува речиси 32% од вкупното богатство во Соединетите Држави.