3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСекоја втора новоотворена компанија не дочекува 10ти роденден!

Секоја втора новоотворена компанија не дочекува 10ти роденден!

Во последниве пет години во Македонија се отвораат од близи седум до нешто над осум илјади компании на годишно ниво. Но, во исто време речиси идентичен е и бројот на фирми кои згаснуваат.

Денар подготви анализа, не само на бројот на новоотворени и ликвидирани компании, туку во кои сектори и дејности најчесто или најмногу се отвораат бизнисите, кои се причините за пропаѓање на една компанија. Од Владата пак велат дека се трудат да овозможат добри услови за работа на компаниите.

Анализата ја започнуваме со податоците од 2018 година кога во Македонија се отворени 7373 компании, но истата таа година 6972 фирми згаснале. Следната 2019та година, имало 7788 новоосновани компании, а пак пропаднале 7207 фирми. Во 2020 година, податоците на Таргет груп компанија која врши истражувања во стопанството покажуваат дека имало 7064 нови фирми, а од стопанството пропаднале 6211. Во текот на минатите две години претприемачите основале нешто над 8600 фирми, но крај на бизнисот имале речиси седум илјади правни лица.

Многу предуслови има за една компанија да успее, велат од Таргет Груп и додаваат дека ликвидноста и задолженоста на компаниите се главните причини за згаснувањето на фирмите.

Информациите велат 33 отсто од компаниите во рок од пет години не преживуваат. Стапката на преживување на новоотворените компании во последниве 10 години е помала од 50 отсто.

„За да се има една јасна слика на деловната активност на компаниите во земјава, треба да ги следиме стартапите односно новоформираните компании. Минатата година се основале 8651 компанија. Се зголемува бројот на новоосновани, од 2018 до 2022 година. Од 7300 таа бројка секоја година се зголемува и минатата година доаѓа до број од речиси 8700 новоосновани фирми. Се вкупно, колку се отвориле и колку згаснале за последниве пет години имаме природен прираст на новоосновани, но ако ја земеме во предвид и стапката на преживување на новооснованите, во тој случај имаме негативен прираст на новоосновани. Ние од година во година имаме помал број на преживеани компании“, велат од Таргет Груп.

Бизнисот апелира дека е потребна здрава економија, потребно е да се поддржи претприемачкиот дух, поддршка на ликвидноста на компаниите, за побрз и подобар развој, се со цел зголемување на бројот на вработени и проширување на нови пазари во странство.

Информациите кои Денар ги доби велат дека најголем дел од новоотворените бизниси лани биле во делот на угостителството односно подготовка и служење на храна, товарниот патен сообраќај, фирми за производство на струја како и салони за убавина. Во исто време најголем дел од фирмите кои во 2022 гонина заминале во историјата се дел од трговијата на мало, рестораните и кафе баровите.

Од Владата пак која е должна да овозможи добри услови за приватниот сектор, а со тоа бизнисмените да придонесат за развој на стопанството велат дека како држава со носење на политики во интерес и на граѓаните и на компаниите овозможуваме поволна бизнис клима во земјава.

„Како проевропска Влада ветивме дека ќе ги поддржиме малите и средни претпријатија, со директна државна финансиска помош и со низата мерки, тоа го правиме, на дело. Во услови на тешка економска и енергетска криза промовираме добро платени работни места, создаваме услови за нови инвестиции, ги враќаме парите кај граѓаните и обезбедуваме ликвидност на компаниите кога е најмногу потребно. Во услови на економско-енергетска криза, даваме се од себе за никој да не остане сам да се справува со кризата. Само во 2022 година, обезбедивме два пакета антикризни мерки во вкупна вредност од над 760 милиони евра“, велат од Владата.

Најчесто бизнис заедницата посочува дека полиичката нестабилност, неефикасниот судски систем и високото ниво на корупцијата во земјава се клучните проблеми со кои се соочуваат претприемачите. Бизнисот бара предвидливост, не често менување на законските регулативи и поддршка од државата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП