Дали многу луѓе ќе ги загубат своите работни места поради ChatGPT? Таа теорија беше ставена на тест оваа недела од фриленс писателот и маркетинг експерт Хенри Вилијамс, кој, кога се појави ChatGPT, беше прилично воодушевен од неговите можности. Но, откако го искористи овој четбот за да напише маркетинг статија, неговото одушевување се претвори во шок и ужас.
Имено, на овој четбот му беа потребни само триесет секунди за да создаде „речиси завршена“ маркетинг статија. Вилијамс вели дека статијата е едноставно структурирана и напишана со „нечовечки тон“, но граматиката и синтаксата, како и клучните точки поврзани со нејзината тема, се напишани доста добро. Тој нагласи дека на крајот сепак морал малку да го уреди, но генерално вештачката интелигенција завршила одлична работа.
За само триесет секунди и дополнително време за уредување, вештачката интелигенција создаде статија за која Вилијамс вообичаено наплаќа повеќе од 600 долари. Врз основа на тоа искуство, тој заклучил: Прилично сум сигурен дека вештачката интелигенција ќе ми ја земе работата. Тој смета дека натамошниот напредок на овој и на другите чет-ботови што може да ги очекуваме со текот на времето не значи дека веќе нема да бидат потребни писатели, новинари и уредници, туку потребата од нив ќе биде помала. Многу помала. Сè што ќе биде потребно е да и се даде на вештачката интелигенција да создаде еден куп написи, слогани и слично и потоа само да ги уреди малку и да ја провери нивната исправност.
Човечката креативност, се чини, повеќе нема да биде потребна.
Токму ова е една од работите за кои многумина ја критикуваат вештачката интелигенција, бидејќи таа може целосно да ги обезличи уметноста и креативноста. Години на работа, труд, учење, како и посебен човечки креативен израз можат да паднат во вода пред некој вид алгоритам кој би можел да направи слична или дури можеби поинтересна работа како дигитална слика, книга, статија итн. А за да може вештачката интелигенција да направи такво нешто, потребно е прво да се тренира, што се прави на постоечките содржини создадени од – луѓе.
Исто така, уште еден проблем поврзан со ChatGPT е тоа што, според Business Insider, се покажало дека овој четбот има тенденција да прикажува лажни информации како вистинити, за да може преку него да се шират и лажни вести.