Дали да се купат акциите на американскиот производител на електрични автомобили „Тесла“ сега, кога вредат 113 долари, или да се чека да паднат на 80 долари, е дилема кај инвеститорите во акциите на странски компании. На социјалните мрежи деновиве берзанските инвеститори изнесуваат аргументи за и против.
-Илон Маск, основачот на Тесла, продаде 19 милиони акции во ноември минатата година, кога една вредеше 200 долари. Се очекува натамошен пораст на инфлацијата и пад на берзата. Добро време е да се купат акции. Се претпоставува дека ова го чека и основачот на Тесла за да купи поголем број акции. Има и такви кои сметаат дека акциите на Тесла се преценети. Тесла веќе има конкуренција од поновите учесници на пазарот како што се Rivian и Lucid во САД и кинеските BID и Nio. Електричните автомобили полесно се произведуваат од автомобилите со внатрешно согорување, па се очекува на пазарот да се појават нови марки на овие автомобили, што им носи дополнителна конкуренција на Тесла. Тесла испорача 1,31 милиони возила минатата година, што е зголемување за околу 40 проценти во споредба со 2021 година. „Њујорк тајмс“ наведува дека испораките на автомобили во четвртиот квартал биле под прогнозите на аналитичарите, кои веќе ги намалиле нивните очекувања. Тесла пред неколку дена соопшти дека произвела 440.000 автомобили во текот на последниот квартал, или 34.000 повеќе отколку што испорача, што сугерира дека проблемите со синџирот на снабдување и производството не се главното објаснување за разочарувачката продажба.
На оваа тема се занимава и „Фајненшл тајмс“, посочувајќи дека Тесла се соочува со конкуренција од традиционалните гиганти како Форд и Џенерал Моторс, кои планираат да инвестираат меѓу 30 и 35 милијарди долари во развој на нови електрични автомобили. Тие компании имаат децениско искуство во масовно производство на возила, а некои инвеститори веруваат дека тие производители на автомобили би можеле да го достигнат Тесла побрзо од очекуваното.
Тесла исто така се соочува со намалена побарувачка бидејќи потенцијалните купувачи се загрижени за зголемувањето на каматните стапки и рецесијата. Времето на чекање за моделите на Тесла се намали, а компанијата ги намали цените на автомобилите во Кина по втор пат во три месеци и им понуди стимулации на купувачите во САД.
Уделот на Тесла во продажбата на електрични автомобили во САД падна на 65 проценти, а во 2020 година беше 79 проценти. До 2025 година тој удел ќе биде 20 отсто, проценува Фајненшл Тајмс.
Карлос Таварес, извршен директор на Stelantis, заедничка компанија на Fiat и Peugeot, која следната година треба да започне со производство на електрични автомобили во Крагуевац, за Фајненшл Тајмс потврди дека конкуренцијата е силна и дека нема да биде лесно да се преживее во електричниот пазар на автомобили. Според него, клучно ќе биде намалувањето на цената на електричните автомобили. Електричните автомобили сепак треба да бидат достапни за средната класа, за да придонесат за нивната цел, намалување на емисијата на јаглерод диоксид, посочи Таварес.
Тесла, како што е најавено, на 25 јануари треба да ги објави своите финансиски резултати за 2022 година. Акциите на Тесла паднаа за 70 отсто во 2022 година, што е најлошата година од нејзиното ИПО во 2010 година, бидејќи инвеститорите се загрижени за прекини во производството, намалената побарувачка и фокусот на Илон Маск на Твитер.