19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата во 2022: Бизнис гимнастика со многу повредени играчи, дел се откажаа...

Економијата во 2022: Бизнис гимнастика со многу повредени играчи, дел се откажаа од играта, а дел поентираа неферски!

Годината која полека си заминува може на економски план да биде запаметена само по зборот криза. Не дека во годините претходно граѓаните не чуствуваа дека живеат во криза, онаа здравствено-економска, но оваа енергетска криза ја продлабочи неизвеснота и дополнително го проблематизира функционирањето на целокупното општество како во Македонија така и на глобално ниво. Од зголемена побарувачка за енергенси, и галопирачкиот скок на цените на струјата, гасот и нафтата, па војната во Украина, и се тоа да резултира со огромна стапка на инфлација и цени кои никако да престанат да растат. Граѓаните секојдневно се соочуваа со ценовни шокови, бизнисмените со жалби дека тешко ќе опстојат бeз државна помош, а владата на неколку пати излезе со мерки за спас на стандардот на граѓаните и компаниите.

2022 година започна со голем оптимизам дека работите конечно ќе се вратат во „старото нормално“ од како две години светот беше под опсада на пандемијата предизвикана од Коронавирусот. Како економиите заживуваа така кај компаниите се јавуваше се поголема потреба од енергенси. Па така зголемената побарувачка ја крена цената на струјата за неколку пати. Сериозен раст на цената доживеаа и горивата. На средината на вториот месец од годинава ескалираа и тензиите на истокот од стариот континент. Русија ја започна војната во Украина. Како најголем извозник на природен гас Русија ја крена и цената на овој енергенс, па дури и го условуваше светот да го наплаќа во нивната национална валута – рубљата. Како поминуваше времето така растеше инфлацијата. Цените на храната но и на сите останати производи и услуги за брзо добија нова вредност. Маслото за јадење беше првиот производ од категоријата на основни кои поскапеа за дури 100 проценти. Синдикатите инсистираа зголемување на минималната плата, не за зголемување на стандардот туку за задржување на куповната моќ.

„Сојузот на синдикати на Македонија бараше итно зголемување на минималната плата на 18.000,00 денари и спирално зголемување на сите останати плати земајќи ги предвид зголемувањето на животните трошоци, енергетската и топлинската криза.“

Владата излезе со серија на мерки и програми за намалување на инфлаторните шокови преку замрзнување на цени и ограничување на маржи на трговците. Се промени и Законот за потрошувачи се со цел да се лоцира таканареченото кризно профитерство. На фирмите произведувачи на храна им се даде и поевтина струја со надеж дека цените барем за некој процент ќе ги намалат, но тоа не го почуствуваа граѓаните.

„Први на удар се најсиромашните, примателите на гарантиран минимален приход и други права на парична помош кои произлегуваат од Законот за социјална заштита, но и сите оние семејства кои имаат потреба од финансиска поддршка, но не ги искористиле правата заради различни причини. Ако навистина сакаме да зборуваме за системска грижа за најранливите, по последново покачување на минималната плата легитимно е да се интервенира кај висината на правата на парична помош од социјалната заштита“, изјавија од Македонската платформа против сиромаштијата.

Од владата пак сметаат дека навремено реагирале при секој предизвик со кој се соочуваше државата по основ на енергетската и инфлаторната криза. Освен мерките за граѓаните и фирмите тие ги потенцираат и мерките за штедење на електричната енергија кои се задолжителни кај буџетските корисници. Планот за зголемување на домашното производство на струја и напорите да се донесе енергенски по пат на билатерални договори со држави од регионот и од пошироко.

„Носењето на 26-те мерки опфатија намалување на даноците, односно на приходите на државата, со цел да се намали ценовниот притисок, односно да нема зголемување на цените на електричната енергија, на горивата и на основите прехранбени производи“, истакнаа од владата.

Што се однесува до стопанствениците, тие 2022 година во неколку зборови ја опишуваат како „бизнис гимнастика“. Со еден спортски жаргон од Биснис конфедерацијата на Македонија ја доловија сета мака која ја помина приватниот сектор во последниве 12 месеци.

„Како ја поминавме 2022 година? Ќе започнеме со „УФ“ се кажува оваа реакција. Ние ја нарекуваме година на бизнис гимнастика, во која повеќето гиманстичари имаат хронична болка на кичмата на зглобовите, а некои дури се откажаа и од спортување. Ова го кажуваме на гимнастичарски жаргон затоа што ова беше година на преживување и година на демонстрација на неиздржливост на македонскиот менталитет во однос на бизнисот“, велат од Бизнис конфедерација на Македонија.

Очекувањата не се добри ниту за годината која следи. Според познавачите се очекува оваа енергетска криза да се прелее и догодина, но сепак да се намали инфлацијата која сега е на ниво од 20 отсто.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП