26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонската економија во очите на бизнисот, власта и опозицијата!

Македонската економија во очите на бизнисот, власта и опозицијата!

По серијата кризи кои го здрмаа светот, и македонската економија претрпе одредени негативни влијанија. Пандемија, финансиска криза, енергетска криза, зголемена глобална инфлација се само дел од предизвиците со кои се соочува секоја држава во последниве неколку години. Како изгледа сега македонската економија во очите на бизнисмените, на  власта, но и на  опозицијата. Бизнисот е претпазлив но и не оптимистичен дека за брзо работите ќе се вратат по старо, власта смета дека добро ги менаџира кризните периоди, а диаметрално спротивни се ставовите на политичарите од опозицијата од каде велат дека еконимијата е во слободен пад.

Освен домашните бизнис здруженија кои редовно излегуваат со свои анализи и истражувања за водењето бизнис во земјава, оценка за деловната клима во Македонија спроведе и холандската деловна заедница. Во нивното истражување кое е направено на компании со холандски капитал во земјава покажува дека на скалата од нула до десет просечна оценка е 5,4. Како потешкотии во нивното функционирање овие компании потенцирале дека нарушените синџири на снабдување и скапата струја им ги промениле бизнис плановите за оваа но и за следната година. Дополнителни главоболки холандските бизнисмени велат дека им создава падот на глобалната економија.

 „Седумдесет и еден отсто од испитаниците ги наведуваат релативно ниските оперативни трошоци како клучен фактор кој влијае на нивната одлука да го прошират своето присуство. Истиот процент од испитаниците ги идентификуваат политичкиот ризик и нестабилноста како клучен фактор што може да влијае на нивната одлука да го намалат нивното деловно присуство. Педесет проценти од испитаниците укажуваат дека нивото на образование и обука на локално ангажираниот кадар е главен проблем при водењето бизнис, по што следат корупцијата, пристапот до финансии и недостатокот на достапен локален кадар“, стои во анализата на холандските компании во Македонија.

Од владата пак сметаат дека земјава е доволно искусна во менаџирање на кризи. Од Илинденска број два уверуваат дека следната година ќе биде подобро. Како потврда за тоа велат дека даваат економските проекции и тоа додаваат дека не се само на владата туку и на дел од меџународните финансиски институции кои покажуваат дека македонската економија ќе расте со 2,3 отсто.

„Ќе се живее подобро затоа што ќе има ново покачување на пензиите и платите. Новиот пат е пат на економски пресврт за секое семејство за секој бизнис до крајот на следната година. Стапка на очекуван раст многу поголема отколку просечниот раст во еврозоната кој ќе изнесува 0.3 отсто, исто така според проекциите на ЕБОР. Тој раст ќе го оствариме со нови странски инвестиции, со нови работни места и зголемен раст на производството и извозот“, велат од Владата.

Но, така не смета опозицијата, целото општество се гуши од корупција, граѓаните мака мачат со сиромаштијата, а стопанството велат дека ги губи последните битки во напорите да ја зачува ликвидноста.

„По странските инвестиции сме последни на Балканот, дури и Косово е пред нас, Бугарија, Србија, Албанија се многу пред нас. Според Евростат во првата половина од 2022 година македонското стопанство плаќа убедливо најскапа струја. Ако се вратиме пет години наназад во 2017 година тогаш стопанството плаќало најевтина струја споедено со земјите во регионот. Тоа само по себе ја прави македонската економија и стопанство неконкурентни и голем дел од компаниите ќе треба да затворат а тоа ќе се зголеми и невработеноста“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Од владата велат дека од почетокот на последната криза, клучниот збор е „одржливост“. Одржлива енергија, одржливо земјоделство, одржливи финансии се актулените теми кај носителите на економските политики. Одржливоста додаваат дека е сплет на паметни и прилагодливи политики кои би дале резултат на подолг период. Оттаму, дискусијата и спроведувањето на овие политики се од ислучитечно значење за постигнувањето на посакуваниот забрзан и одржлив раст. Бизнисот и натаму останува доследен на својата определба дека владата треба им помогне на компаниите за купување на струја од слободниот пазар. Здраво стопанство е во интерес не само на бизнисот туку и на самата држава.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП