27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНародната изрека „мора ли секој ден да се јаде“ станува реалност!

Народната изрека „мора ли секој ден да се јаде“ станува реалност!

Реакциите на јавноста дека со секое пазарување цените на храната но и на останатите производи се се повисоки, потврда дадоа официјалните институции. Државниот завод за статистика објави дека растат трошоците на живот, а има зголемување и на цените на мало. Од друга страна најновата пресметка на Сојузот на синдикати за минималната потрошувачка кошничка покажува дека за набавка на најосновните производи за едно четири члено семејство во месецот му се потребни над 51 илјади денари. Експертите алармираат дека крајно време е да сопре праксата, сиромашните граѓани да ја плаќаат секоја криза. Владата тврди дека со помош на мерки им помага на граѓаните.

По објавувањето на извештајот на Државниот завод за статистика дека инфлацијата е на ниво од речиси 20 отсто, прво што граѓаните ги заитересира е за колку се зголемени трошоците за набавка на храна. За една година храната се продава за над 30 отсто повисоки цени.

Поскапени прехранбени производи :

         Октомври 2021 / 2022

-Леб и жита 47,7%

-Месо 28,6%

-Млеко, сирење, јајца 40,7 %

-Масла и масти    40%

-Риба   16%

-Овошје 15%

-Зеленчук  22,4 %

Освен на храната, статистичарите измериле и зголемување на трошоците за живот на домаќинствата и за подмирување на режиските трошоци. Па така за една година сметките за струја се зголемени за над 20 отсто, а пак за 30 отсто е поскапо парното. Во однос на набавката на горива, граѓаните за една година плаќаат за речиси 20 отсто поскап транспорт.

Економистите се загрижени како ќе се одвива ова продолжување на инфлатирните движења. Според економистот Бранимир Јовановиќ во Македонија се случува народната „ кучињата си лаат карванот си врви“. Граѓаните се жалат, власта признава дека е тешко но не прави ништо освен што крева раменици.

„Редно е фирмите кои што во изминатиов период оствариле милионски добивки од тоа што ги зголемуваа цените, сега треба да им се намалат профитите. Мора и тие барем малку да ја почувствуваат оваа криза“, вели Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

А најновата пресметка на синдикалната минимална потрошувачка кошничка покажува дека месечно на едно четири члено семејство му се потребни 51 500 денари. За набавка на основните прехранбени произвди и безалкохони пијалоци месечно се потребни 19 421 денар, или тоа е 45 отсто од структурата на целата кошничка. За сметките за домување се потребни 12 887 денари или 29 отсто од кошничката. Пресметката вели дека околу 6 000 денари се потребни за одржување на хигиена и за трошоци за транспорт, јавен превоз а не сопствен автомобил. Останатите 3 500 денари се наменети за здравствени услуги, посета на културни настани и купување на некое парче облека или обувки.

Од прехранбениот сектор веќе дадоа ветување дека од први декември кога ќе добијат поевтина  струјата за производство на своите продукти ќе ги намалат цените на финалните производи. За подрастично намалување на цените изјавија дека им е потребна дополнителна помош во набавката на суровини.

Од Владата пак се надеваат дека со новиот Закон за потрошувачи ќе се стави крај на нефер практиките на одредени трговци кои се збогатија во ова кризно време, и тоа на грбот на сиромашните кои едвај го поминуваат месецот.

И додека се чека стабилизирање на состојбата, Македонија е рекордер во регионот по нивото на инфлација.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП